Стефанија Гаштарска, ученичка во прва година во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, освои сребрен медал на Меѓународниот натпревар за балет и современ танц „Доменико Модуњо“, кој се одржуваше од 18-ти до 21 март во Бари, Италија. Покрај медалот, Гаштарска доби и стипендија од балетското училиште во Италија.
Наградата и е доделена во конкуренција од 52 натпреварувачки од 15 држави од светот (Јапонија, Грција, Русија, Португалија, Шпанија, Мексико, Италија, Кипар, Малта, Данска, Унгарија, Чешка, Босна, Бугарија, Романија, Македонија).
Второто место Гаштарска го дели со Хозе Ангел Визаино Кортес од Мексико. Првото место го освои Луиџи Пераџине од Италија, а третопласиран на натпреварот беше Мирија Такахаши од Јапонија.
Во рамки на натпреварот вчера се одржа и балетска работилница и гала-претстава на наградените.
Стефанија Гаштарска е исклучителен талент кој веќе се докажува и надвор од границите на Македонија и покажува врвни резултати во класичниот балет. Таа веќе има освоено десет први места на интернационални натпревари, како и влез во финалето на еден од најпрестижните светски балетски натпревари International Baltic Ballet Competition во Рига.
Со поддршка на Министерството за култура, Гаштарска ќе учествува на балетскиот натпревар Екатерина Максимова „Арабеска“ што ќе се одржува од 13-ти до 25 април 2016 година во Перм, Русија.