Соопштени резултатите од конкурсот за странски издавачи

Од:

Четириесет пријави од 16 земји годинава пристигнаа во Министерството за култура на конкурсот за странски издавачи кои ќе објавуваат репрезентативни и квалитетни дела од македонската литература. Стручната комисија врз основа на исполнетите критериуми на конкурсот по разгледувањето на апликациите направи селекција на 16 дела од современата македонска книжевност кои ќе бидат преведени на 11 странски јазици (полски, српски, руски, германски, словенечки, украински, хрватски, француски, бугарски, црногорски, албански).

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека сите овие дела ќе бидат преведени и издадени до крајот на август идната година. Појасни дека за преводите Министерството за култура обезбедило 2 милиони денари (29.635 евра), а средствата за преводите соодвествуваат со најдобрите европски практики, односно се во висина на фондовите на најпрестижните грантови како оние на Традуки и Европската комисија.

– По разгледувањето на најновите апликации кои пристигнале во Министерството, Комисијата во состав Нове Цветановски, претседател, проф. д-р Виолета Димова и м-р Енвер Беќири, одлучила, согласно исполнетите критериуми на конкурсот, да биде обезбедена поддршка за превод на уште четири нови дела од реномирани македонски автори на другите јазици. До крајот на ноември наредната година ќе бидат преведени и објавени делата „Зад аголот“ на Томислав Османли на турски јазик, „Сплаварот“ на Владимир Плавевски на полски јазик, „Посмртна венчавка“ на Паскал Гилевски на бугарски јазик и „Мојата роднина Емилија“ на Влада Урошевиќ на српски јазик, истакна Канческа-Милевска.

Посочи дека со конкурсот сметале дека ќе обезбедат еден посоодветен третман на македонските автори кај странските издавачи и ефективна промоција на македонското творештво, но и на државата во меѓународен контекст. Изрази задоволство што оваа стимулативна мерка била поздравена од сите автори и институции во државата и што резултирала со навистина голем интерес од страна на издавачките куќи од Европа и светот.

– Република Македонија е една од ретките држави во регионот и пошироко која вложува големи средства во областа на литературната и издавачката дејност. Ќе потсетам дека во рамки на Годишната програма на Министерството редовно се поддржуваат проектите на многу приватни издавачки куќи, а секоја година, континуирано спроведуваме и откуп на книги со кои се збогатува библиотечниот фонд на установите низ државава, истакна Канческа-Милевска.

Нагласи дека првпат во Република Македонија се реализираат и голем број капитални проекти кои ја афирмираат македонската литература и творештво во меѓународни рамки.

– Ова се реални, мерливи и остварливи проекти кои значително го подобруваат амбиентот во кој се остварува литературната и издавачката дејност во Република Македонија. Во оваа смисла би сакала да го изразам моето уверување дека и во иднина ќе реализираме уште многу стимулативни мерки, уште многу проекти кои ќе имаат придобивки и за нашите автори и промоцијата на нивното творештво и за Република Македонија која во светот се препознава како земја на големи творечки потенцијали, додаде Канческа-Милевска.

Претседателот на стручната комисија, Нове Цветановски истакна дека конкурсот за странски издавачи е најзначајниот проект за афирмација на македонската литература во странство.

– Ефектите треба да се очекуваат од наредната година затоа што е потребно време да се преведат и да се објават книгите. Според мое мислење, овој конкурс е позначаен и од меѓународните саеми и од меѓународните книжевни манифестации затоа што има евидентни резултати кои остануваат како културен продукт, како книжевен производ, додаде Цветановски.

Посочи дека станува збор за дела кои ќе ги има во многу библиотеки во светот. Според него, проектот е значаен и заради преведувачите од македонски јазик и регрутира или обучува преведувачи на македонски дела.

Писателот Влада Урошевиќ ја поздрави иницијативата на Министерството. – Не е мала работа кога ќе се појави една книга од македонски автор, на кориците ќе стои името на преведувачот и ќе пишува преведено од македонски јазик…, рече Урошевиќ.

Конкурсот за странски издавачи, кој Министерството за култура го објави првпат на почетокот на годинава е предвиден во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 и е една од многуте стимулативни мерки што ги спроведе Министерството изминатиот период во сите дејности од областа на културата.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска