Со промоција на поетската книга „Вевчаница“ на Миљурко Вукадиновиќ од Белград, Република Србија, добитник на овогодишната награда „Книжевна далга“денеска во Струга ќе започне втората меѓународна манифестација „Струшки книжевни средби“- 2014.
Промоцијата ќе се одржи во црквата свети Никола во Вевчани. Промотори на книгата се Мишо Китаноски и Христо Петрески, а на Вевчанските извори ќе биде одржан Поетски хепенинг.
Во рамки на манифестацијата, утре во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе биде отворена изложба на стари фотографии на Петар Ставрев од Битола, а потоа ќе биде одржана промоција на наградените книги „Куќички“ на Марина Мијаковска – добитник на наградата „Крсте Чачански“, и „Прашалник“ на Христо Петрески – добитнбик на наградата „Јован Котески“, по конкурсот што по четврти пат беше распишан од здружението „Бран“ и списанието „Бранувања“.
Утре во Спомен домот на „Миладиновци“ ќе биде одржан и Симпозиум – „Книжевна пловидба“ на тема „Придонесот на струшко-охридските писатели во развојот на македонската драмска литература“ – Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Иван Точко, Радослав Петкоски и Живко Чинго, а потоа „Струшките книжевни средби“ ќе продолжат со промоција на книгата „Под кожа“ на српската поетеса Даниела Божичковиќ-Радуловиќ.
Вечерта во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи промоција на книгата раскази „Нова приказна“ од Мерсиха Исмајлоска.
Манифестацијата на 5 јули продолжува во дворот на црквата св. Ѓорѓија во Струга каде ќе биде одржан Поетски митинг со настап на сите учесници. На митингот ќе биде доделена наградата „Книжевни бранови“ за најдобро прочитана песна на поети од Македонија и странство, а ќе биде доделена и наградата „Книжевна далга“. Добитник на овогодишната награда „Книжевна далга“ е српскиот автор Миљурко Вукадиновиќ.
Учесници на годинашната меѓународна манифестација „Струшпки книжевни средби“- 2014 се Миљурко Вукадиновиќ, Снежана Дабиќ, Лидија Кочи и Даниела Божичковиќ Радуловиќ (Србија), Арјан Калчо и Фоти Никола (Албанија), Катја Ерменкова и Иван Топалски (Бугарија) Петко Шипинкаровски, Христо Петрески, Мерсиха Исмајлоска, Ресул Шабани, Милица Димитријовска – Радевска, Борче Панов, Витомир Долински, Александра Јуруковска, Мишо Китаноски, Марина Мијаковска, Јован Негриески, Десанка Николова, Тоде Илиевски, Мирјана Стојановска – Палигора, Анастас Ќушкоски, Делвина Керлику, Зоран Јакимоски, Елена Ѓорѓиевска Костадиновиќ, Весна Мундишевска – Велјановска, Наташа Зузаровска, Елизабета Јончиќ, Билјана Т. Димко, Миладин Угреновиќ, Виолета Секоска, Македонка Чадиновска… (Македонија).
Организатори на манифестацијата „Струшки книжевни средби“- 2014 се Здружението „Бран“ и списанието „Бранувања“ од Струга.