Претставата „Хамлет, кој? (“Hamlet, Who?”) која вечерва, во 20 часот ќе биде изведена во ЕУ Инфо центар во Скопје е централниот настан на одбележувањата на 450-годишнината на големиот бард на драмата, Вилијам Шекспир, кои ги организираат Британскиот совет и Делегацијата на Европската унија.
Пред изведбата на претставата, на гостите ќе им се обратат Аиво Орав, Шефот на делегацијата на Европската унија и Кристофер Ивон, амбасадорот на Обединетото кралство.
„Хамлет, кој?“ ќе ја изведат членови на неформалната театарска работилница „Шекспир енд Ко.“ од Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Претставата е подготвена под менторство на проф. д-р Рајна Кошка, а е своевидно постмодернистичко исчитување на најпознатата драма на Шекспир.
Претставата се заснова на „Хамлет“ на Шекспир, како и на „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“ на Том Стопард, како и на „Хамлетмашина“ на Хајнер Милер, а со неа Неформалната театарска работилница ќе одбележи 20 години сценско интерпретирање на Шекспир.
Ќе биде отворена и изложба „20 години Шекспир во предавалната и пошироко“, на која ќе бидат презентирани фотографии од претставата и подготовките за неа во текот на изминатите две децении.
Во рамките на одбележувањата на 450-годишнината од раѓањето на Шекспир, задутре ќе почне конкурсот за најдобро едноминутно видео за Шекспир. Учесниците може да достават материјали инспирирани од самиот Шекспир или од некој негов драмски текст, сцена, комплетна претстава или и мешавина на неколку претстави. Крајниот рок за доставување на видеоматеријалите е 21 мај, а се доставуваат до Британскиот совет или до ЕУ Инфо центар.