Петтото издание на КРИК – фестивалот на критична култура во организација на Контрапункт, почнуваа вечер со предавањето на светски познатиот италијански теоретичар, филозоф и активист Франко Берарди – Бифо. Предавањето насловено „Не можам да дишам – респираторен хаос и поезија“ ќе се одржи онлајн, од 19 до 21 часот, на Фејсбук страницата на фестивалот https://www.facebook.com/
Ова е прво од серијата предавања проследени со разговори кои ќе се одржуваат во текот на јуни. Станува збор за познати теоретичари: Светлана Слапшак, Џули Реше, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо.
– Оваа година прославуваме пет години од постоењето на КРИК – фестивал за критичка култура, кој е замислен како отворена платформа за развој и практикување на критичка култура. Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред можеби најважните предизвици за кои досега само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, сме разговарале – што значи практикувањето, втемелувањето на одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура. Во мигов сме соочени со најранливото лице на светот, кое не постои ниту само во умните книги, ниту само на масовните форуми и конференции, ниту само во интелектуалните парадигми. Сега ни се случуваат во реалниот простор и време тагата и распадливоста на она што го живееме како претпоставена заедница, култура, политички имагинариум, велат програмските уредници на фестивалот Искра Гешоска и Артан Садику.
Тематските рамки на КРИК, кој ќе се одржуват во текот на оваа година се обединети во насловот на ова издание на фестивалот: „Конечноста и кршливото општество – слобода, социјализам и секуларност“ https://www.facebook.com/
Франко „Бифо“ Берарди (роден на 2 ноември 1949 година) е италијански комунистички филозоф, теоретичар и активист. Тој бил клучна фигура во италијанското движење за автономија во 1970-тите, кое го славеше капацитетот на работникот за социјални промени. Неговата работа главно се фокусира на улогата на медиумите и информатичката технологија во пост-индустрискиот капитализам. Берарди има напишано над дваесетина публикувани книги, како и голем број есеи и говори. Моментално работи за списанието „Дериве Апрододи“, и предава социјална историја на комуникација на „Accademia di belle Arti “ Милано.