Првата поетско-ликовна колонија „Нацртај песна“ која почна со работа на 12 јуни во организација на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје, завршува вечер во 20 часот кога во дворот на библиотеката ќе се одржи мултимедијален перформанс.
Актерот Томе Витанов ќе чита стихови од Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Љубен Ташковски, Јован Котески, Петар Т. Бошковски и Чедо Јакимовски, а преку видео проекција ќе бидат презентирани сликите кои учесниците на колонијата ги создадоа според нивните стихови. Во рамки на програмата ќе се одржи концерт на музичкиот состав „Салса бенд“.
На колонијата учествуваа десет академски сликари од странство и Македонија кои создаваа дела од поезијата на десет македонски поети од средната генерација.
– Помеѓу уметностите разликата е мала, кога зборуваме за поети и сликари, обично сликарите ќе насликаат некоја слика на поетска тема или по конкретна песна. Но, ова е првпат некој да ги спои тие две работи во една уметничка колонија, така што ова е една одлична идеја којашто меѓу другото понуди и одлична дружба на сликари од Балканот, изјави за МИА, Драган Мијац – Бриле гостин од Црна Гора.
Од името на организаторот, поетот Братислав Ташковски рече дека идејата за ваков настан се родила од желбата да се направи нешто убаво, да се спојат две естетики, сликарството и поезијата и за таа цел поканиле десет академски сликари од повеќе балкански држави кои создавале на основа на десет песни од македонските класици.
Колонијата, посочи, траеше четири дена, сликите вечерва првично ќе бидат изложени на перформансот што библиотеката го подготвува по повод на оваа колонија, а официјалната изложба ќе биде во месец октомври во рамки на Белата ноќ.
– Со оваа прва колонија ние увидовме дека постои огромен интерес во јавноста, а и меѓу сликарите, бидејќи овде се спојуваат две енергии со една нова синергија која што резултира со овие прекрасни дела. Песните по чии мотив се слика се избрани од комисија во рамки на библиотеката. Се надевам дека овој настан ќе премине во традиција и соработката со Град Скопје кој е главен покровител ќе продолжи и наредната година ќе имаме уште подобро и уметнички побогато издание, додаде Ташковски.
Академскиот сликар Сергеј Андреевски изјави дека веднаш ја подржал идејата и помогнал во организацијата преку изборот на сликари учесници.
– Ова е можеби единствена колонија каде што се слика по мотиви од песна, а песните кои ги избрала библиотеката се од можеби најдобрата генерација во македонската поезија. Јас посебно сум среќен бидејќи добив можност да сликам по поемата „Дениција“ која што ја има напишано мојот татко Петре М. Андреевски, рече Сергеј Андреевски.
Гостинот од Бугарија академскиот сликар Роман Кисјов посочи дека идејата е одлична да се спои сликарството и поезијата и смета дека затоа и е поканет, бидејќи активно твори на двете полиња.
– Првпат сум на ваква колонија на ваков спој на двете уметности и мене тоа многу ми се допаѓа. Исто така многу сум радосен дека ми се падна таков поет како Анте Поповски со преубавата песна „Мајсторот и мостот“, песната е преполна симболика и мене ми беше лесно да направам ликовна интерпретација на овие стихови/зборови, додаде Кисјов.