Со концерт на Каролина Гочева вечерва почнува Битолското културно лето

Од:

Со Концерт на Каролина Гочева во Хераклеја вечерва почнува 14. издание на Битолското културно лето.

Големиoт културен хепенинг ќе трае до 31 август и ќе биде затворен со македонски хитови во изведба на групата „Меморија“.

Оваа година, БИТ ФЕСТ воведува нов концепт на културно лето, кое истовремено ќе ги поврзува традицијата и современите достигнувања во културниот свет, објави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

„Содржините кои се дел од оваа програма даваат концепт на издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво со почитување на професионализмот, креативноста и повисоките критериуми и норми на уметничка изведба од страна на авторите и изведувачите кои ќе земат учество на Бит Фест. Фестивалот заслужено добива шанса да биде идентитетски силен и да претставува предизвик и за уметниците и за публиката“, рече Коњановски.

Во следните 64 денови, на повеќе просторни сцени во градот на кои како дел од БИТ ФЕСТ ќе се одржуваат 10 фестивали, со гостувања на уметници од над 20 земји од светот, Битола низ автентичен културен израз, ќе ја промовира македонската уметност, култура и традиција пред домашната и странска публика, градејќи и цврсти меѓународни врски, за нови можности за културен напредок на градот.

Во тој период од 19 јуни до 31 август, ќе проследиме квалитетни програмски содржини, меѓу кои на 21 јуни на 10 сцени, ќе го славиме франкофонскиот Празник на музиката или „Солстис“ за убав почеток на летните денови, а следниот ден ќе имаме можност да го проследиме концертот на „Марко Виденовиќ – СЕПТЕТ“. Културното лето ќе продолжи со програмата на Битола отворен град, а на 25 јуни ќе биде отворен Битола Шекспир Фестивал, каде ќе гостуваат театри од Полска, Албанија, Италија, Бугарија, Црна Гора. Дополнително, театарската програма ќе биде збогатена со гостување на Македонски народен театар и претставата „Народен непријател“, како и гостувања на тетовскиот и велешкиот театар. За најмладите, оваа година Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“, носи гостувања на театарски претстави од Македонија, Италија, Швајцарија, Полска, Чешка, Иран и Турција, а од филмската уметност во Киното Манаки, ќе следува недела на проекции на детски филмови.

Дел од музичката и музичко сценската уметност на БИТ ФЕСТ, се и виолинистите Владимир Костов, Ана Контраденко, Марко Поп Ристов, сопранот Весна Гиновска Илкова, а под наслов „Со лезет за Битола“ ќе настапат светски познатите, македонски оперски пејачи Ана и Игор Дурловски.

Традиционално, „Со песни за Битола“, културното лето продолжува со „Незаборав“, а за љубителите на џез – културата, ќе се одржи интернационалниот „Џез Фабрика Фестивал“, а „Балкан Гала фестивалот“ на Камерниот оркестар на Битола, ќе биде исполнет со поп и рок симфонија.

Музиката и традицијата, продолжуваат да се негуваат преку Локум фест, а меѓу богатите содржини за време на фестивалот „Илинденски денови“ на БИТ ФЕСТ е и гостувањето на ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ и Влатко Стефановски.

Дел од официјалната програма на БИТ ФЕСТ се и автори кои професионално се докажале на ликовната сцена, најави градоначалникот.

За првпат годинава, програмата на БИТ ФЕСТ е збогатена и со Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на денешната прес конференција, заблагодарувајќи и се на стручната комисија која изврши избор на содржините за битолското културно лето, како и на директорите на националните културни институции, каде ќе се реализираат дел од културните содржини ова лето.

Официјалната програма, ќе заврши на 31 август, а на предлог на комисијата, поддржани се и апликации кои се однесуваат на културни содржини кои ќе се реализираат во Битола, надвор од програмата на битолското културно лето, до крајот на годината.

Програма за БИТ Фест 2022

Би можело да ве интересира

Почнува филмската ревија – „Денови на SEE Film Festival“ на Бит фест

Јавен повик на Општина Битола за културно лето „БитФест 2019“

Ана Ололовска

Викендов завршува битолското културно лето „БитФест“

Ана Ололовска

Незаборавно добро издание на „Незаборав“

Ана Ололовска

Концерт на рускиот вокален ансамбал „Чајка“

Наум Локоски

Бит фест: Фолклорната група „Селенце“ и оркестарот „Фокош“ на плоштадот Магнолија

Ана Ололовска