Со книжевна вечер посветена на Дубравка Угрешиќ утре започнува книжевниот фестивал „Друга приказна“

Од:

Утре, 26 август, во Сули ан, започнува тродневниот книжевен фестивал „Друга приказна“ #7, кој во Скопје ќе претстави 40-ина гости од регионот и од земјата. Вториот и третиот фестивалски ден ќе се одвиваат во МКЦ-Скопје.

Фестивалот во 18 часот ќе го отвори белградскиот трансдисциплинарен уметник Урош Крчадинац со претставување на два свои сјајни проекти: изложбата „Бантустански мапи“ и предавањето „Дигитална поетика“.

Рачно илустрираните мапи од патописниот роман „Бантустан“ на Крчадинац претставуваат сложени таписерии од пиктограми, идеограми, различни писма, грбови, лавиринти, тајни пораки и скриени симболи. Како патописен роман и рачно илустриран атлас, интимна исповед и збирка животни приказни, „Бантусан“ е приказна за поделбите, изолацијата, контактот и замислувањето на новата картографија на човековите односи на заедничката планета.

Предавањето „Дигитална поетика“ е базирано на двете сестрински книги на Крчадинац, „Тактилна поезија“ и „Оптимизирана поезија“, воедно дигитално-книжевен уметнички проект. Тие ги опишуваат новите поетски пракси за производство на текст во време на масовен надзор, вештачка интелигенција и дигитална комодификација.

Централниот дел од вечерта, со почеток од 20:00 часот, ќе биде настанот посветен на угледната писателка Дубравка Угрешиќ, која е и лауретка на овогодишното издание на „Друга приказна“. Во видео-разговор кој ќе го води Румена Бужаровска, таа ќе зборува за своето творештво и општествен ангажман. За вонредните остварувања на Угрешиќ во експерименталната проза свои излагања ќе имаат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка)…

Воедно, две нови македонски изданија на Угрешиќ ќе бидат промовирани: нејзината најнова книга „Нарилник за вештерки“ и нејзиниот, можеби најпознат роман, „Штефица Цвек во челустите на животот“. Книгите се во коиздание на Темплум, Контрапункт и МАМА Загреб.

Првата фестивалска вечер ќе биде затворена со мал концерт на Димитра во 22:30.

Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони…

Четириесетината учесници од регионот и од нашата земја ќе се обидат да ги лоцираат современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараат за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираат интригантни интердисциплинарни проекти кои го шират полето на културата…
„Новата писменост“, во контекстот на „Друга приказна“, меѓу другото значи и борба за поинакво, „поалтернативно“ разбирање на книжевноста, кое истовремено е пошироко, посинтетичко, и кое уште идеалистички веерува во моќта на книжевноста да ги менува човекот и светот.

Влезот на сите настани е слободен.

Фестивалот „Друга приказна“#7 е поддржан од ТРАДУКИ и од Министерството за култура на Република Северна Македонија

ЦЕЛОСНА ФЕСТИВАЛСКА ПРОГРАМА
Петок (26.08.), Сули ан
18.00.-20.00. – изложба Бантустански мапи, водење низ изложбата и
предавање „Дигитална поетика“ на Урош Крчадинац
20.00. ВЕЧЕР НА ДУБРАВКА УГРЕШИЌ
– видео разговор: Дубравка Угрешиќ и Румена Бужаровска
21.00. – Промоција на книгите „Нарилник за вештерки“ и „Штефица Цвек…“
21.30. разговор за Угрешиќ: Мерима Омерагиќ, Ирена Јовановиќ, Гоце Смилевски, Никола Гелевски…
22.30. Димитра Цилевска – мал концерт

Сабота (27.08.), МКЦ
18.00.-20.00. РАЗГОВОРИ, БЛОК 1
– Сенка Мариќ со Калина Малеска
– Маша Сеничиќ со Душица Лазова
– Јана Букова со Душко Крстевски
– Данило Лучиќ и Витомирка Вита Требовац со Никола Гелевски
20.30. – Суштества страшни со фризури и машни – изложба на Ненад Тонкин.
21.00. ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ (перформативен книжевен натпревар на „едноминутни новели“)
Учесници: Маша Сеничиќ, Данило Лучиќ, Јана Букова, Тања Аждаја, Ива Дамјановски, Милан Дамјаноски, Стефан Алиевиќ, Владо Манчевски, Ѓорѓи Крстевски, Живко Грозданоски… Водител: Владимир Лукаш
23.00. Проекција на филмот Дуга реса; разговор со режисерот Драган Протиќ

Недела (28.08.), Матка
13.00.-17.00. – Изложба на Анета Попова: You are my bowl / I am your bowl (Микро изложба во шума)

Недела (28.08.), МКЦ
15.30. – 18.00. Две работилници за деца со Барбара Прегељ, Ненад Тонкин и Доротеј Нешовски
Сетилна имагинативна лабораторија – цртање и моделирање ликови преку звук, мирис, допир, слика и збор.

Читање додека си играме? Поезијата на Ф. Гарсија Лорка како игра
18.00. РАЗГОВОРИ, БЛОК 2
– Разговор со Јана Бауер
– Барбара Прегељ со Никола Гелевски
– Хелена де Карина и Ружица Марјановиќ со Фросина Крушкаровска
– Ана Фазекаш со Ана Чушкова
20.00. дебата НОВА ПИСМЕНОСТ: Ана Фазекаш, Хелена де Карина, Ружица Марјановиќ, Барбара Прегељ, Никола Гелевски…
22.00. Проштална журка

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска