Со изложбата „Шепотот на Уметникот со уметниците“ одбележани 72 години од МНТ

Од:

На сцената на Македонскиот народен театар во изминатите 72 години се испишуваше македонската театарска историја, се продуцираше и промовираше врвна театарска естетика, се раѓаа и развиваа генерации и генерации на актери, режисери и театарски работници кои денеска го градат достоинството на македонскиот театар.

Ова вечерва го истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на отворањето на изложбата „Шепотот на Уметникот со уметниците“, посветена на бардот на македонската ликовна уметност Димитар Кондовски, а по повод одбележување 72-роденден на Македонскиот народен театар.

– Денеска нашата национална установа МНТ го слави своето седумдецениско постоење низ кое слоевито го градеше своето реноме како врвен домашен и меѓународен репрезент на вредностите на македонската култура. МНТ беше дом за македонските уметници но, и меѓународна сцена на која се претставија бројни остварувања и креации на странските ансамбли и репродуктивци кои беа искрено наградени од нашата публика, која длабоко го почитува и сака театарот, рече Канческа Милеска.

Министерката потсети дека во 2013 година Македонскиот народен театар го доби и своето ново здание, кој започна да ја негува и музејската дејност, преку заштитата и промоцијата на сите арфакти кои се дел од богатото минато на оваа институција. Фондот на Музејот на МНТ, рече таа, содржи повеќе од 100 оригинални уметнички дела на врвни македонски уметници, изработени портрети на доајените на македонскиот театар, балет и опера, дела од применетата уметност, над 2.500 сценографски и костимографски скици, над 8.000 оригинални фотографии и фото-негативи, сценски мебел и костими.

Канческа Милевска ја истакна важноста на одбележувањето на роденденот на МНТ, со поставката на изложбата во чест на, како што таа го претстави, портретистот, сценографот, костимографот и ликовниот педагог, Димитар Кондовски, која, според неа, суптилно и ненаметливо ја надополнува уметничката збирка на МНТ со нови предмети кои ја раскажуваат неговата приказна.

– Во годината кога се одбележуваат деведесет години од раѓањето на Кондовски, ние преку оваа изложба пред јавноста откриваме нови ексклузивни масла на платна и цртежи на големиот пријател и соработник на Македонскиот народен театар, артефакти кои имаат цел да ни доловат еден важен сегмент од театарската уметност во нашата земја, виден низ очите на Кондовски, вели Канческа Милевска.

На отворањето се обратија и директорот на МНТ Дејан Пројковски и една од авторките на изложбата Јасминка Намичева.

Во изложбата се содржани 103 дела, уметнички слики, портрети во најразлични сликарски техники, цртежи, сценографски скици, костимски анализи и други вредни експонати. Овие дела, од кои дел се во сопственост на МНТ, а дел на семејството Кондовски, се вредно сведоштво за пријателствата помеѓу уметниците во театарот, меѓу кои Кондовски е постојано присутен како сценограф и костимограф на многу драмски, оперски и балетски претстави.

Автори на изложбата „Шепотот на Уметникот со уметниците“ се Јасминка и Екатерина Намичеви, а стручен соработник на проектот е Емил Алексиев.

Би можело да ве интересира

Парите од роденденските претстави на МНТ ќе одат за лекување на Леонид

Во МНТ почнаа пробите за најновата претставата „Хенгинг Араунд“

МНТ со претставата „Народен непријател” гостува во Србија

МНТ со две претстави на два интернационални фестивали во Републиката

Катерина Ѓуровски

МНТ со „Лагата“ учествува на 31. издание на фестивалот „Ристо Шишков“

Претставата „Народен непријател“ гостува на два меѓународни фестивали во Црна Гора