Со импресивен настап на единаесетмина истакнати уметници на „Охридско лето“ синоќа беа одбележани јубилејни шеесет години од постоењето на Факултетот за музичка уметност-Скопје.
Некогашните студенти на овој реномиран факултет, сопранистките Весна Гиновска-Илкова и Ана Дурловски, басот Игор Дурловски, пијанистите Катерина Гелебешева-Костадиновска, Кристина Светиева, Јанинка Невчева и Глигор Гелебешев, флејтистката Катерина Бачевска, обоистката Надица Ристиќ-Симовиќ, гитаристот Дарко Багевски и хармоникашот Златко Мадевски со своите уметнички квалитети беа доволен доказ дека од оваа високообразовна установа произлегуваат уметници кои оставаат силен печат врз македонската уметност а истовремено се признаени ширум светот.
Деканката на Факултетот за музичка уметност-Скопје, Дарија Андовска, истакна дека е особено среќна што и Националната установа „Охридско лето“ се вклучува во одбележувањето на шесте децении од постоењето на ФМУ.
-Јас ја имам таа среќа да бидам на чело на оваа институција на еден ваков голем јубилеј. Нам ни е особено драго што на најголемиот фестивал во Македонија и во регионот имаме можност да го прославиме нашиот роденден благодарение на директорот Ѓорѓи Цуцковски кој е исто така наш алумни и на целиот тим на „Охридско лето“. Тоа е од особено значење затоа што и тие придонесуваат кон прославата на нашата институција која што е основата на музичкиот пантеон во Македонија. Од кај нас произлегуваат сите големи ансамбли во земјава,Филхармонија, Опера и Балет, Џез оркестарот, сите школи итн. Сè дошло од кај нас и сите ѕвездени имиња кои ги имаме ние, или биле наставници, или студенти на нашиот факултет. На „Охридско лето“ имаме дел од тоа ѕвездено небо, рече Андовска.
Како што најави таа, целата 2026 година на ФМУ ќе биде исполнета со настани со кои ќе се одбележи јубилејот.
-Ние веќе имавме неколку големи настани, а допрва ќе следат уште поголеми. Имаме краток домументарен филм за ФМУ, во план ни е изработка на монографија, подготвуваме и мјузикл којшто е наш, авторски, што значи не го откупуваме затоа што ги имаме сите ансамбли на располагање. Имаме балерини, имаме џез ансамбл, класичен оркестар, имаме сè што треба, така што тоа ќе ни биде круна на сите настани по повод јубилејот, додаде деканката на ФМУ-Скопје, Дарија Андовска.
Во изминатите години на ФМУ студирале над пет илјади студенти. Една од нив е и Катерина Гелебешева-Костадиновска реномирана пијанистка, која денес е професорка на овој факултет.
-Настапот на вечерашниот концерт за мене е голема чест и задоволство, а верувам и за другите уметници кои се мои колеги а вработени на ФМУ бидејќи со овој концерт се одбележува еден голем значаен јубилеј, 60 години постоење на ФМУ. Нашата матична установа е можеби најважната образовна институција во градењето на културниот живот во нашата држава. Многу студенти, денес познати уметници, излегоа од нашиот факултет. Се надевам дека оваа наша соработка со „Охридско лето“ ќе продолжи и натаму затоа што нашите уметници кои имаат домашна и интернационална кариера навистина заслужуваат да бидат застапени во програмата на фестивалот, изјави Гелебешева-Костадиновска.
Факултетот за музичка уметност кој изгради генерации успешни студенти е основан во 1966 година, а од 1973 година е во склоп на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
