Во празничниот, пасхален број на меѓународното сефардско списание „Лос Муестрос“ од Брисел продолжува објавувањето прозни текстови со еврејска тема на македонскиот писател Томислав Османли од неговата книга раскази и новели „Светилка за Ханука“.
Објавено е второто продолжение на прозата „Смртта на Ерусалим“, во која авторот ја опишал можеби најтрагичната приказна од холокаустот врз Евреите во Втората светска војна, во која се испреплетуваат и деликатни прихолошки состојби на главните актери во сефардската заедница.
Празничниот број на светското списание што ја афирмира сефардската култура на повеќе јазици, а пред се на ладино, еден од јазиците со кои говорат и македонските Евреи, ги покрива одбележувањата на големиот еврејски празник Пасха поточно Егзодус на еврејскиот народ предводен од Мојсеј од египетското ропство. Едновремено бројот го покрива и Јом Хашоа, меѓународниот ден на холокаусот на Евреите за што тематски се врзува и објавата на прозата на Османли.
Неговата книга „Светилка за Ханука“ неодамна доби второ издание во Македонија, а на англиски јазик целосно ќе биде објавена во списанието „Лос Муестрос“ до крајот на годинава.