Меѓународното жири на Интернационалниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, синоќа во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, на актерот Нико Горшиќ од Словенија му ја додели единствената награда на фестивалот, Златен медаљон со ликот на Ристо Шишков и 1.500 евра, за брилјатната изведба во монодрамата „Столови“ од Ежен Јонеско, а во продукција на Мини театар од Љубљана.
На синоќешното свечено затварање на 21-то издание на ФКТ „Ристо Шишков“, стручното жири на новата театарска акција, позната како НЕТА, по четврти пат додели награди за најдобра претстава „Изгубени Германци“ според текст на Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, во продукција на Народен Театар од Скопје.
Награда НЕТА за најдобра режија доби Југ Станковиќ од Србија, за претставата „Јовча“ од Бора Станковиќ, а во продукција на театарот од Шабац. За уникатен актерски дует, годинава за првпат асоцијацијата НЕТА им додели награда на Јоана Поповска од Македонија и Атанас Попдимитров од Бугарија, за актерската игра во претставите „Столови“ од Ежен Јонеско и во „Грав“ од Елин Рахнев, во продукција на Мал драмски театар од Битола и Драмски-куклен театар од Враца – Бугарија, кои ги режира Љупчо Ѓорѓиевски.
Награда НЕТА за продлабочено театарско истражување, синоќа и беше доделено на Криса Јоанидоу, за изведбата во претставата „Човекот кој“ во режија на Павлос Данелатос од Грција. Награда за најдобра претстава, која најдобро комуницира со публиката, жирито на тркалезната маса на фестивалот им ја додели на претставите „Столови“ и „Грав“ на режисерот Љупчо Ѓорѓиевски, а во продукција на Мал драмски театар од Битола и Драмскиот-куклен театар од Враца.
Уметничкиот директор на ФКТ „Ристо Шишков“, Ванчо Ристов-Патриков,е задоволен од квантитетот и квалитетот на годинашново 21-во издание на Фестивалот.
– Посебно ми е драго што првата награда во третата деценија од постоењето на овој фестивал заминува за Европа.Жирито годинава имаше навистина претешка задача од 15 претстави и 60 актери да го одбере најдобриот.Сепак ја делам нивната одлука и мислам дека со тоа и ФКТ Ристо Шишков,пред себе отвара нови простори и димензии,изјави директорот Ванчо Ристо -Патриков.
Во чест на лауреатот, Нико Горшик, синоќа на големата сцена во НУЦК „Антон Панов“, Драмскиот театар од Скопје,ја изведе претставата „Архелаос, или Еврипид се враќа на Балканот“ од Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветановски.