Славој Жижек: Влеговме во војна со „Пандемија“ и идеите дека ќе заврши набрзо се утопистички

Од:

Правилата дека треба да се мијат раце, да се избегнуваат блиски контакти, сето ова помага. Но, основно е тоа дека ни требаат мерки. Јас ги нарекувам „комунистички мерки“, а овие мерки не треба да се однесуваат само на здравјето. Ќе имаме проблеми, од снабдувањето со храна до менталното здравје. Мораме, конечно, да го сфатиме ова сериозно, истакна познатиот словенечки филозоф Славој Жижек на вчерашната онлајн промоција на неговата нова книга „Пандемија“.

Делото преведено на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“ и веќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн.

На вчерашната онлајн промоција на фејсбук страницата на „Литература.мк“, како што соопштија од Арс Ламина, можеше да се погледне разговор меѓу уредникот на изданието Филип Видиновски и Жижек. Во неговото дело со поднаслов „Ковид – 19 го тресе светот“, познатиот филозоф се осврнува кон тоа како пандемија ќе го трансформира светот во кој живееме.

‒ Она на што бев сведок овде е дека ние знаеме само за две екстремности или луѓето се во паника или велат „готово е, да се вратиме на нормалниот живот“. Она што ни треба не е паника туку, конечно, да го сфатиме ова сериозно. И навистина да се мобилизираме. Инаку, ова само ќе продолжи, вели Жижек.

Во разговорот тој ги анализирал мерките кои ги преземаат светските лидери и недостатоците во начинот на кој се справуваме со пандемијата. За решенијата на американскиот претседател Доналд Трамп и на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, се вели во соопштението, кои пропагираат да се отвори економијата, ги нарекува варварски и го опишува како „лотарија“ односно „кој преживее, ќе преживее“.

‒ Едното решение е тоа, варварското решение на Трамп и Болсонаро и „де факто“ многу земји кои немаат добра здравствена инфраструктура ќе бидат принудени да го направат тоа. Другото решение е она на американската технократска дигитална елита. Бил Гејтс, Ендру Куомо, гувернерот на американската сојузна држава Њујорк и други. А, тоа е да се преместат, се разбира, оние што се избрани, а тоа може да биде голем број, во она што се нарекува изолирано општество. Дури и медицинските испити, испораката на храна… Без физички контакт или да се ограничи колку што е можно повеќе. Ова ќе доведе до нови класни тензии, ќе воведе разлика меѓу оние што се внатре и оние што се надвор, невидени проблеми итн. Па, мислам дека единственото вистинско решение е, повторно, не велам дека сè треба да биде национализирано, но многу посилна улога на владата, вели Жижек.

Тој смета дека се потребни добро организирани локални заедници.

‒ Не сум голем љубител на Куба, но слушам дека добро се справува со епидемијата. Во Куба има локални комитети за одбрана на револуцијата. Ми кажаа дека ова во Шпанија било од суштинска важност. Луѓето некако сами се организирале и прогласиле неколку улици за нивна територија. Контролирале кој живее таму, дали има стари луѓе кои не можат да се грижат за себе или болни луѓе. Ова е од суштинска важност. И мора да ја знаете мојата омилена приказна. Во Бразил, во Сао Паоло и Рио де Жанеиро, бандите кои се борат во фавелите го направија, ганстерите го направија она што нашите политичари не можат да го направат. Веднаш склучија мир и почнаа да соработуваат за да им помогнат на луѓето во нивните заедници. Од друга страна, над државната меѓународна соработка. Ова мора да се сфати сериозно. И покрај целата паника, вие, Македонците, не сте исклучок, истакна Жижек.

На крајот од разговорот, тој се осврна и на државава, истакнувајќи дека сочувствува со нашата земја.

‒ Знаете зошто? Затоа што кога се распаѓаше Југославија, иако подоцна имавте етнички проблеми, ситуацијата никогаш не експлодираше. Во основа, некако успеавте да го поминете целиот тој ужасен период. Се надевам дека ако постои Бог, тоа не злобен Бог кој ќе каже: „Македонци, не страдавте доволно во раните деведесетти, па ќе треба да страдате уште малку“. Се надевам дека не. Не го заслужувате тоа. Ја сакам вашата земја. Кога бев во вашата земја со мојата жена, се изненадив од тоа што имате сериозен интелектуален живот. Има круг на луѓе кои читаат, дебатираат и така натаму. И сите ние сме загрижени дека во една ваква ситуација, во која популизмот експлодира, културата ќе страда. Се разбира, многу обични луѓе сметаат дека ова е вонредна ситуација, дека нема потреба од култура, дека е време за обезбедување на основните работи. И можат да се скратат средствата за културата. Тоа е она што навистина ме загрижува. Но, навистина ви посакувам сè најдобро. И знам дека оваа епидемија нема да заврши. Ќе продолжи. Сега само можеме да се надеваме на тоа да ја држиме под контрола. Немојте да се губите во утопиите дека за два месеца ќе има вакцина и сите ќе бидеме безбедни. Не, ќе има којзнае какви други проблеми. Но, заедно ќе се справиме со сè, заврши Жижек.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска