Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје на 06 мај со почеток во 19 часот во ЕУ-Инфо Центарот во Скопје организира предавање на големиот француски филозоф Жак Рансиер.
Предавањето со наслов „Време, нарација, политика“ е во рамките на проектот на ИОХН-С „Школа за политика и критика“ поддржана од Фондацијата Роза Луксембург. Гостувањето на Рансиер е помогнато и од
Францускиот институт од Скопје (Institut Français de Skopje), ЕУ-Инфо Центарот и Едицијата „Југославија“.
Жак Рансиер (Jacques Rancière) е роден 1940 година во Алжир. По завршувањето на École Normale Supérieure, во кругот на Луј Алтисер (Louis Althusser), во 1969 година Мишел Фуко (Michel Foucault) го повикува на Одделот за филозофија, штотуку основан при експерименталниот Универзитет во Винсен (Vincennes) каде што во наредните години ќе се соберат најважните имиња на француската филозофија од втората половина на дваесеттиот век: Делез (Deleuze), Лиотар (Lyotard), Бадју (Badiou) и многу други. Во 1980 година универзитетот се сели во париското преградие Saint Denis и го променува своето име во Paris-VIII, Рансиер предава на истиот се до неговото пензионирање во средината на деведесетите.
На прашањето зошто Жак Рансиер денес е неизоставно име при промислувањето на политиката и уметноста и зошто неговата филозофија е инспиративна за безброј интелектуалци, уметници и активисти, одговорот ќе биде многу краток. Рансиер не нуди никакво разработено учење, „теорија“ или привилегирана филозофска вистина која би била ориентир на делувањето. Жак Рансиер ќе каже дека единствената претпоставка што ни овозможува да создадеме демократско општество е еднаквоста. Еднаквоста е радикална и не зависи од образованието или од општествената положба. Таа постои, таа е аксиома од која се поаѓа, никако она кон кое се стреми.
Најважни дела на Жак Рансиер:
Ноќ на пролетерите [1981], Филозофот и неговиот сиромав [1983], Неукиот учител [1987], Несогласност [1995, хрватско-српски превод во припрема], Омраза на демократијата [2005. хрватско/српски превод 2008], Политика на книжевноста [2007. српско хрватски превод 2008], Еманципираниот гледач [2008], Аистесис [2011], Метод на еднаквоста [2012].
Школата за политика и критика се стреми кон развивање на теориските и практичните вештини на активистите во Македонија со цел тие да можат да одговорат на политичките предизвици на неолибералната политика која денес надвладува во политичкото секојдневие во општеството.
Школата директно ќе ги поддржи активистите во градење на одржлива политичка реторика преку нудење на суштински алатки за развивање на социјално и идеолошко информирана анализа и критика. Семинарите ќе овозможат простор за јакнење на знаењата, дискусија и размена во клучни теми од марксистичката теорија и револуционерната пракса.
Школата се организира со поддршка на Rosa Luxemburg Stiftung.
А.Б.