„Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски избран за „Роман на годината“ за 2020 година

Од:

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, со тајно гласање и со мнозинство гласови, е избран за „Роман на годината“ за 2020 година.

На конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2020 година, кој во организација на Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“ беше распишан лани на 15 декември и траеше заклучно со 15 јануари 2021 година, пристигнаа 41 роман. Жири-комисијата којашто одлучуваше за наградата ја сочинува: писателката Оливера Николова (претседателка и минатогодишна лауреатка), поетот и универзитетски професор, Зоран Анчевски, писателката и универзитетска професорка Калина Малеска, писателот Живко Гроздановски и претставничката на Фондацијата „Славко Јаневски“, новинарката Катерина Богоева.

Како што соопшти жири-комисијата, по неколкуте направени селекции од страна на жирито во финалето за наградата влегоа пет романи: „Лето во кое те нема“ – Петар Андоновски, („Или – Или“), „Суво мастило“, Владимир Илиевски, („Македоника литера“), „Скриени желби, немирни патувања“, Владимир Јанковски, („Антолог“), „Сфинга на гневот“, Жарко Кујунџиски, („Антолог“) и „Куќа над брановите“, Билјана С. Црвенковска, („Чудна шума“).

-Романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски е впечатливо дело, оригинална иновација во македонската литература. Со исклучително занимлива колажна структура, базирана врз животна уверливост и многуслојност, оваа проза пулсира со ново преосмислување на човечките односи, перципирајќи го светот како единствена мрежа од концепти и судбини што се развиваат во перспективи и во меѓусебна корелација. Неколкуте приказни, соопштувани во лапидарни секвенци, го градат овој мозаичен роман ширејќи ја убедливо неговата првобитна поставеност, посочува жири-комисијата.

Јанковски изрази благодарност до фондацијата „Славко Јаневски“ за целиот ангажман околу доделувањето на наградата „Роман на годината“ зашто, како што рече, со сите активности поврзани со оваа награда успеваат да ја зголемат видливоста на романескната продукција во време кога литературата не е доволно застапена во јавната сфера.

-Ова особено важи за телевизиите, кои секојдневно нѐ бомбардираат со приказни за „исто за истото“, на кои под изговорот дека станува збор за важни теми за нашиот живот, постојано слушаме исти варијации на теми кои служат само за стерилни пресметки на политичките елити. Добрата литература се обидува да го направи спротивното. Таа во навидум црно-белата поставеност на нештата се обидува да ја даде нијансата на различност, да го постави животот надвор од поедноставувањето и стереотипот. Дел од романите кои беа во конкуренцијата за „Роман на година“ го прават токму тоа, ја истражуваат сложеноста на животот, укажувајќи на неговата суштинска амбивалентност, противречност и нијансираност. Затоа заслужуваат многу поголемо внимание од црно-бела слика што медиумите секојдневно ја претставува како наша реалност, изјави Јанковски.

Писателот Владимир Јанковски (Скопје, 1977 година) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Автор е на книгите: „Невидливи љубови“ (роман,2015), „Вечно сегашно време“ (роман,2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, фото-есеи, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, фото-есеј, 2008), „Огледало за загатката (2003, разговори со Влада Урошевиќ).

Владимир Јанковски за романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“. За наградата „Балканика 2020“ беше кандидиран и на почетокот на годинава, со романот „Скриени желби, немирни патувања“. Јанковски се занимава активно со книжевен превод. На македонски јазик превел повеќе книги, меѓу кои и од: Дубравка Угрешиќ, Миљенко Јерговиќ, Маргарет Атвуд, Мухарем Баздуљ, Ијан Мекјуан, Џон Фанте и др.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска