Скопска премиера на „Отело“ во МНТ

Од:

По првата премиера која ќе се одржи на 16 ноември на сцената во Босанското народно позориште, Зеница – БиХ, во Македонскиот народен театар на 4 декември со почеток во 20 часот ќе биде одиграна скопската премиера на претставата „Отело“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Нина Николиќ.

Овој меѓународен проект е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Босанското народно позориште, Зеница ― БиХ и Перипетија продукција, Скопје, во кој играат актери од двете земји, и тоа: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.

Според драматургот на претставата, Тамара Барачков, третманот на класиката во современите театарски пракси отвора простор за истражување на начинот на претставување на текстот на сцена, но и испитување, во контекст на овдешните прилики на клучните мотиви и проблеми со кои се занимава драмата.

Ова читање на „Отело“ е карактеристично поради радикалниот пристап кон Шекспировиот јазик и стил, што е можеби најочигледната интервенција на текстот. Имавме цел да истражиме на кој начин и во која мера трансформацијата на јазикот и „преведувањето“ во современ говор може да влијае не само на изворниот Шекспиров ракопис туку и на прашањата што ги нуди драмата.

Така, јазикот стана оголен, директен и лишен од поетичноста, со што се акцентирани и нагласени и актуелни теми денес. Сепак, во одредена мера, поетичноста е задржана само во начинот на говорот на Отело, што претставува уште една негова дистинкција, детаљ што го одвојува овој лик од другите. Исто така, со постапката македонските и босанските глумци да ги играат улогите секој на својот мајчин јазик, додатно се развива поигрувањето со говорот како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање. Јаго во оваа претстава не е олицетворение на злото, туку човек со слабости, несреќен и несигурен, можеби и несвесен дека една интрига и ситна пакост, која ја прави поради одмазда, ќе покрене ланец на крвави, трагични настани.

Во таа смисла, немавме цел ниту самиот Отело да го ослободиме од вина и од одговорност за убиството ниту да ги прикажеме неговите дела и однесување исклучиво како последица на сплетките и лагите на Јаго. Низ приказната за љубомората и стравот од неверство, се проблематизира односот кон жените што го препознаваме и во денешното традиционално патријархално општество.

Сценографското решение е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска, костимограф, на сценските движења работеше Димитриос Сотириу, текстот го преведоа Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер работеше на дизајнот на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.

Би можело да ве интересира

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“