Сирија некогаш имаше жив уметнички живот, но миозина кој учествуваа во него мораа да избегаат и завршија во соседен Либан; сега се обидуваат да го искажат она што им се случувало ним и на нивната земја
Сирискиот илустратор Диала Брисли станала позната со цртежот за поддршка на жените кои штрајкувале со глад во затворот во Адра, цртеж кој станал вирален на интернет. „Луѓе го ставаа на своите профили на Фејсбук“, вели таа. „Тоа помогна да се подигне јавната свест за нивниот протест… се грижам за жените. Верувам дека за жената има улога во револуцијата, но луѓето не зборуваат за тоа“. Во првите денови од востанието во Сирија, таа цртала и разнесувала постери, но била фатена и тепана на протестите и успеала да избега. „Како уметници и музичари, ја изразуваме нашата солидарност со демонстрантите уште од почетокот. Но брзо и самите станавме мети“.
Таа го спомна Ибрахим Кашуш, поетот и музичар од Хама кој ја напишал химната за востанието, „Време е да си заминеш, Башар“. Во јули 2011 година, бил пронајден убиен, со исечени гласни жици. „Таму останаа само малку уметници“, вели таа. „Сега е толку опасно, уметноста не е приоритет во Сирија, тоа е луксуз“.
Таа станал уметник на 19 години заради личните превирања кои станале политички. Нејзината мајка избегала во Кувајт со мажот во кого била вљубена, а нејзиниот татко, богат бизнисмен, останал во семејството со друга жена. Брат и имал само девет години. Не е лесно да се изразат чувствата која таа ги имала. „Открив дека најдоброто нешто кое можев да го правам е да цртам“.
Брисли ја напуштила Сирија кога востанието се претворило во граѓанска војна, и прво заминала во Истанбул, а потоа во Бејрут. Кога веќе била во егзил, открила дека нејзината мајка како поддржувач на Асад, го пријавила брат и затоа што одбил да оди во воена служба. „Тој беше уапсен и немаме поим што му се случило. На крајот успеал да избега. Запознав некого од Слободната сириска армија кој го довел до границата со Турција. Но веќе било доцна“. Загинал од мина додека се обидувал за избега од земјата.
Брисли од паричникот вади и ми покажува фотографија од брат и на шест годишна возраст, заедно со фотографија од неа како малечка. И двете лица имаат ист, широк насмеан израз. „Сестра ми и јас се обидуваме да ја прифатиме смислата на неговата смрт, но не можеме. Јас бев одговорна за него“. Постојано си ги бришеше солзите. „По ова никогаш нема да имам деца. Мајка ми дури и не дојде на неговиот погреб. Рече дека загинал затоа што и го свртел грбот на владата“.
Сириските сили поставиле мини во близина на границата со Турција и Либан, долж патиштата по кои бегалците бегаат од насилствата. И противчовечките и противтенковските мини од советско-руско потекло се денес исчистени. Брисли неодамна нацртала цртеж насловен како „Биди ми нога, јас ќе ти бидам рака“ – за две деца кои одат заедно откако биле повредени во војната.
Надвор од Сирија, уметноста процветува
Најголемата концентрација на сириски сликари, пејачи, режисери и актери во егзил е во Либан. Многу уметници не се осмелуваат да се вратат заради ризикот од апсење, мачења или напади врз низ. Некои ја користат уметноста како катарза, даваат смисла на хаосот; други пак ја продолжуваат револуцијата преку уметноста како оружје против режимот, и како спротивставување на теророт кои групи како Идил го шират низ регионот.
Филмовите на Васем Марзики често биле цензурирани во Сирија; тој пристигнал на прикажување на неговиот последен филм во Дамаск и дознал дека тоа било откажано без дадено објаснување. Се сретнавме во Куќата Зико, која елегантно се издига над хаотичните улици во Бејрут. Тоа е поранешниот дом на Мустафа Јамут, кој по граѓанската војна во Либан решил да ја трансформира во простор за промоција на уметници. На многу сиријски уметници бегалци им нуди заштита и место за престој кога првпат ќе дојдат во Бејрут. Прекрасните соби се преполни со уметнички дела; повеќето кои сега се изложен се од сиријските уметници.
– Уметноста дома можеби стагнира, но надвор од земјата процветува, вели Марзики кој заедно со Брисли е член на уметнички колектив составен од сириски писатели, сликари, илустратори и режисери, кои редовно се сотануваат во Куќата Зико. „Пред да дојдам во Либан не сфаќав дека имало толку многу уметници во Сирија. Немаше вмрежување, никаква слобода. Сега се среќаваме и работиме слободно, веќе не се плашиме да зборуваме. Но понекогаш сме парализирани од тоа што се случува дома. Секој од нас барем еднаш неделно слуша по некоја страшна вест од Сирија – смрт на некој пријател или член на семејство, или некоја вест за нов масакр. Ова е неподносливо“.
Тој верува дека уметниците можат да играат клучна улога во иднината на Сирија. „Режимот го претвори насилсвото во култ, а овој вид варварство го овозможи најлошто во човечкото. Уметноста може да помогне да се пресврти сето тоа“.
За наградуваниот сликар Абдул Керим Мајдал ал-Беик, Бејрут е местото за да се смири и поврати откако избегал од војната во Сирија. Тој вели дека одамна посакува да пронајде мирно место каде ќе може да слика без прекинувања. „Болката кај секој сириец го извади талентот на уметниците на површина. Можете да видите како деноночно тие работат, за на платно да ја искажат својата порака“.
Мајдал ал-Беик е роден во мало село во предградие на ал-Хасак, во североисточна Сирија, и дипломирал на Факултетот за убави уметности во Дамаск. Пред сирискиот конфликт, неговте слики ја прикажувале минливоста на времето, и со помош на материјали како што се трска, прашина, лисја, јаглен и гипс, и палета на бела, сива и црна боја, овие теми се развивале околу графитите, длаборезите, симболите и пукнатини по ѕидовите на стариот град во Дамаск. Тој во моментов работи на нова серија на слики за демократијата на Бллискиот Исток, за разлика од „Застани со лице кон ѕидот“, неговата последна застрашувачка колекција. Вели дека конфликтот од корен го променил неговиот стил; делата од „Застани со лице кон ѕидот“ биле правени од војнички униформи, ножеви и куршуми, за да ја одразат „огромната траума“ во Сирија.
Мајдал ал-Берик го дели привременото атеље во близина на кејот во Бејрут со сирискиот скулптор Елис ал-Катиб. Неговите огромни платна се спротивност на деликатниот гипс и бронзени скултури. Една од нив, „Децата на Сирија“, е фигура на насмеано бебе и претставува дете убиено во масакрот во Бамијас во мај 2013 година. Таа нежно ја поставува на подот до колекцијата од деформирани, страшни чудовишта. Таа се уште го смета Дамаск за нејзин дом, „но таму животот стануваше се потежок. Секогаш бев зафатена со преживувањето, а уметноса станува второстепено“.
Родена во 1982 во Дамаск, таа цртала од својата шеста година по ѕидовите во нејзината детска соба, а родителите и дозволиле и да ги бојосува ѕидовите во дворот во куќата во Дамаск. Дипломирала на Факултетот за убави умености во Дамаск, во одделот за скулпторство, на Универзитетот во Дамаск, во 2005 година. „Ова е мојата судбина. Понекогаш не можам да сопрам. Пред револуцијата моите дела беа апстрактни, морски суштества, риби, природа. По револуцијата… таа ги покажува сите лоши ефекти кои ги носиме длабоко во себе, и менталните проблеми кои сме ги акумулирале со години“. Нејзиното најново дело, кое било изложено во Бејрут, е „Последната вечера“, бронзена маса во облик на гроб со отпечатоци од детски прст втиснати на неа. „Тоа е одбивање на смртта – рацете го туркаат гробот подалеку“.
Сирија има силна традиција на уметничка и актерска критика на режимот, и покрај диктатурата, но сегашната ситуација прави невозможни услови повеќето уметници да творат. Алма Салем, која е одговорна за грантови за сириските уметници во Британскиот совет во Бејрут, вели: „Уметниците беа на мета од двете страни, но тие се единствената надеж за иднината на Сирија“. Еден од грантовите добил и Орва Коста, кого го сретнав во бегалски камп во село во близина на ал-Масра, на либанско-сиријската граница. Тоа е нов камп, поставен на почетокот од граѓанската војна – колекција од бели платна и шатори поставени на влезот од пилана – и дом на околу 200 сиријски бегалци. Коста прави филм во Бека, друг сиријски бегалски камп на истокот од Либан. Почнал да го снима филмот откако бил мачен од опозициските сили во 2012 година. Своето дело го нарекува сиреализам, затоа што „надреалноста е најдобриот прилог за ситуацијата во Сирија. Се обидувам да поставувам прашања наместо одговори, и користам шокатни призори затоа што се тоа сликите во мојата глава“.
Милион регистрирани бегалци
Либан иако е мала земја, сега е домаќин на милион регистрирани бегалци од Сирија, што е еднакво на повеќе од 28 проценти од населението, и тоа врши голем притисок врз јавните служби и општините. Конфликтот во Сирија се прелеа во Либан и таму се случуваат насилства помеѓу сириските бунтовнички групи и Хезболах, во близина на границата. Дамнешната поделба помеѓу малата алавитска заедница во Триполи, која има силни врски со сириската влада, и сунитските населби со население кое е наклонето кон сириската опозиција, се зголемува. Во моментов има нервозен прекин на огнот по смртта на стотици сунити и алавити. „Сето тоа прави уште посложена ситуација за тука да се бара прибежиште“, вели Абу Габи, палестинско-сириски композитор и пејач.
Абу Габи избегал од опседнатиот палестински камп Јармук во јужен Дамаск на крајот на 2012 година, дента кога неговиот другар од детството, лекар, бил убиен кога градот бил опседнат од владините сили. Јармук одамна бил пробежиште за Палестинците кои бегале од арапско-изралеската војна во 1948 година, и се до сирискиот конфликт бил дом на околу 700,000 луѓе. По опсадата во јули 2013 година, и кога пристапот до храна и лекови бил прекинат, повеќе од сто луѓе починале од прегладентост, а Амнести интернешенел тоа го опиша како „катастрофална хуманитарна криза“. Околу 60 проценти од оние кои останале во Јармук страдаат од неисхранетост.
– Стигнавме до точка во Сирија каде луѓе како мене имаат шанса да исчезнат, вели Аби Габи. „Ќе стигнете до контролен пункт, ќе ве извадат од автомобил и ќе исчезнете. Загубив пријатели и семејството на тој начин. Слушнав деака петмина починале од мачење“. Абу Габи снима свој деби албум во Бејрут. „Сета оваа болка – мораме да ја насочиме. Тоа е енергија која би не убила, но по сето она што се случи имам обврска да се обидам да се искажам преку мојата музика“.
Аби Габи е во Бејрут веќе 18 месеци. Неговиот статус, како и оној на другите палестински сириски бегалци кои пребегале, е неизвесен. Повеќе од 6,5 милиони Сиријци се внатрешено раселени, меѓу кои и 270,00 палестинци кои тешко се погодени од конфликтот. Либан го ограничи влезот на палестински бегалци од Сирија од август 2013 година, и од мај годинава за нив животот станал уште потежок. На 4 мај, либанската влада насила протерала некои палестинци во Сирија, и на границата го одбива легалниот влез на други палестинци.
– Границата е сосема затворена за палестинските бегалци, вели Камила Џелбарт Мосе од Оксфам. „Ова значи дека мнозина ќе заглават во Сирија или ќе бидат присилени да ја минуваат границата преку небезбедни диви премини каде има мински полиња и паѓаат проектили. Скоро сите од 500,000-те Палестинци во Сирија имаат потреба од хуманитарна помош“.
Мосе вели дека мораат да се слушнат гласовите на уметниците. „Нивните моќни дела зборуваат за страдањето и надежта на мнозината. Важно е оние на позиици на власт со можност да се справат со оваа криза да не ги затвораат ушите и очите. Без политичка акција, најлошата хуманитарна итност на нашето доба ќе продолжи да причинува страшно страдање и во следните години“.
Марие Хана е директор на Креативна меморија, веб страна посветена на зачувувањето на креативните дела кои денес доаѓаат од Сирија. „Кога луѓето од Сирија го надминаа стравот од минатото и го почувствуваа овој момент на слободата, тие цртаат по ѕидови, пеат по улиците, самите се снимаат“, вели таа. Младите уметници во егзил, потикнати од хаотичната креативност на Бејрут, експериментираат, свесни дека нивната генерација е критичен дел од востанието. „Ова е наша шанса да го изразиме она што навистина сакаме да го изразиме. Немаме многу време – веќе утре можеме да бидеме уапсени“.
Ле Монд дипломатик – Париз