Во рамки на манифестацијата „Струшки книжевни средби 2014“ денеска во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе бидат промовирани книгите „Куќички“ на Марина Мијаковска и „Прашалник“ на Христо Петрески, кои ги добија наградите „Крсте Чачански“, односно „Јован Котески“ по конкурсот што по четврти пат го распишаа здружението „Бран“ и списанието „Бранувања“ од Струга.
Во Спомен-домот на Миладиновци попладне ќе биде одржан симпозиум на тема „Придонесот на струшко-охридските писатели во развојот на македонската драмска литература: Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Иван Точко, Радослав Петкоски и Живко Чинго“, а за нивното творештво ќе говорат Христо Петрески, Марина Мијаковска, Тоде Илиевски, Мишо Китаноски и Борче Панов.
На Струшките книжевни средби, кои ги организираат здружението „Бран“ и списанието „Бранувања“, утре во дворот на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга ќе биде одржан поетски митинг со настап на годинашните учесници. На митингот ќе бидат доделени наградите „Книжевни бранови“ и „Книжевна далга“.