Првите три концерти во 2020 година пијанистот Симон Трпчески ги одржа во Соединетите Американски Држави каде што во регионот на Њу Џерси настапи со „Њу Џерси симфони“ и познатата диригентка Шиан Жан од Кина.
Таа е и шеф-диригент на овој оркестар од Њу Џерси и токму на првиот настап на оваа позиција Жанг диригираше со Трпчески како солист, а веќе имаа серија концерти во родната земја на диригентката.
– Имаме одлична соработка и ова беше вистинско продолжување на тоа убаво искуство. Публиката повторно нè награди со овации за изведбите на Концертот број 2 од Лист. Со нова сила и нови надежи во новата декада. Многу ѝ се радувам на серијата рецитали што ќе ги отсвирам во Европа: во Словенија, во Даблин, во „Барбикан Центарот“ во Лондон, потоа во Сан Хуан во Порторико, па во Хјустон, а тука се настапите со оркестри во Шпанија, во Загреб, Цирих, повторно низ Велика Британија, изјави Трпчески за Македонското радио.
Особено задоволство му се, вели, премиерните азиски концерти на проектот „Македонисимо“ со три изведби во рамките на фестивалот во Пјонг Џанг во Јужна Кореја.
– Тоа е нова шанса да се претстави македонската музика на далечниот континент, низ тоа што од длабоките музички корени на македонската култура го изнедривме заедно со композиторот Панде Шахов. Верувам дека оваа ќе биде уште една исклучителна година за овој проект. Едноставно, со нови сили – напред, додава Трпчески.