Македонската филхармонија вечер во Македонската опера и балет ќе одржи симфониски концерт насловен „Филхармонија на кирилица“.
На подиумот заедно со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентство на маестро Саша Николовски-Ѓумар, ќе настапат истакнатите солисти: Ана Гацева (пијано), Блерим Груби (виола), Петруш Петрушевски (контрабас), Александар Стефановски и Емилија Ристевска-Стефановска (флејти), Глигор Гелебешев и Катерина Гелебешева-Костадиновска (пијано).
На програмата се: „Елегија“ бр. 1 за контрабас и оркестар од Ботесини, „Романса“ за виола и оркестар оп.85 од Брух, Концерт за две пијана и оркестар op. 61 од Пуланк, како и две дела кои ќе ја доживеат премиераната изведба во Македонија – „Риголето фантазија“ за две флејти и оркестар оп. 38 од Доплер и Шпанска рапсодија за пијано и оркестар оп. 70 од Албениц. Македонската пубилка ќе има можност да слушне и едно дело од македонски композитор – „Темпера 4“ од Тома Прошев.
Од Македонската филхармонија го најавија и следниот атрактивен настан – концертот на македонскиот композитор и пијанист кој живее и твори во Њујорк, Дуке Бојаџиев, кој ќе се одржи на 13 февруари по повод Денот на вљубените.