Рускиот виртуоз на пијаното Борис Березовски (1969), кој има голема репутација во Европа и во светот, вечер ќе биде солист на симфонискиот концерт на Македонската филхармонија.
Березовски ќе го изведе најпопуларниот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Сергеј Рахмањинов, познат и како „РАХ3“.
– Музичката критика е едногласна во мислењето дека Березовски во моментов е еден од најмоќните пијанисти кој поседува уникатна техника и сензитивност, кој има специфичен пристап кон пијаното и, воопшто, кон музиката која ја изведува, наведува Филхармонијата во најавата на концертот.
Како и на претходниот, диригент и на вечерашниот концерт ќе биде Емил Табаков од Бугарија.
Оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и увертирата-фантазија „Ромео и Јулија“ од Петар Илич Чајковски и свитата „Вљубен во три портокали“ од Сергеј Прокофјев.