Играни и документарни филмови од Чешка, Словачка, Унгарија, Србија и Северна Македонија може да се погледнат во вишеградскиот дел од програмата на шестиот меѓународен филмски фестивал за културно, духовно, историско наследство и духовни вредности – „Богородичен Покров“, што се одржува онлајн од 11 до 26-ти месецов во Скопје.
Годинава фестивалот е спонзориран од Вишеградскиот фонд. Проектот е кофинансиран од владите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка преку вишеградски грантови од меѓународниот Вишеградски фонд. Мисијата на фондот е да ги унапреди идеите за одржлива регионална соработка во Централна Европа.
Зорица Соломан Костовска, основач и директор на фестивалот, посочува дека станува збор за уникатен фестивал посветен на највисоките вредности на човештвото. Основан е како непрофитен проект поради, како што вели, големата потреба за поддршка и негување на културните и духовните вредности и хуманоста во општеството и човештвото.
Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното, духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови. Вкупно ќе бидат прикажани 20 филмови и ТВ програми од Северна Македонија, Русија, Србија, Чешка и Словачка, Унгарија, Романија и Франција. Сите се преведени на македонски јазик, поголем број и на англиски, а дел од програмата е и на српски јазик. Филмските проекции се бесплатни.
Досега се прикажани филмовите „Земниот живот на Пресвета Богородица“ „Св.Кирил и Методиј-словенски апостоли“, „Манастирите на Европа“, документарните филмови „Манаки-приказна во слики“, Воронет-прозорец кон рајот“. Најавена е и интернационална премиера на филмот Комениус, на чешката продукција Виста филм. Во текот на фестивалските денови ќе се организираат и интервјуа со претставници на фестивалските партнери за нивната мисија и филмови, едукативно интервју за Јан Амос Коменски, како и мастер клас во чест на малку познатиот култ на Свети Наум Охридски во Унгарија.
Партнери на фестивалот се: Фондацијата Аrs Sacra Sacra од Унгарија, The three brothers – Чешка продуцентска куќа, Novinski – продуцентска куќа од Словачка, Фестивал Филмско Бдење Душе – од Србија и Теледом – Македонија, Здружение на Унгарците во Македонија. Фестивалот досега е поддржан од 12 амбасади.
Фестивалот е основан во 2016 година, од Соломан Костовска и Коле Јовановски, со благослов на почесниот претседател на фестивалот, проф. д-р. Јован Таковски, протојереј –ставрофор, награден со златен медал „Свети Климент Охридски“ на државно ниво за неговата професионална работа.
Програмскиот совет на фестивалот е составен од: д-р. Антонио Митриќески, режисер – професор на Факултетот за драмски уметности, добитник на бројни меѓународни награди, д-р. Ѓоко Ѓоргевски, декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и поранешен амбасадор на Македонија во Ватикан, Владимир Ангелов, филмолог и директор на Кинотеката на Република Македонија,
д-р. Игор Шокаровски, филмски и ТВ режисер и декан на Факултетот за дизајн и мултимедија на Американскиот универзитет на Европа – ФОН и Зорица Соломан Костовска, основач и директор на фестивалот, поранешен 10-годишен член на Меѓународната академија за телевизиски уметности и науки во Њујорк – Еmmy Awards, поранешен директор за меѓународни копродукции на МРТ, со 30-годишно искуство како ТВ и филмски продуцент, истовремено дипломиран дипломат и теолог. Член на Советот беше и покојниот Драги Таневски, меѓународно признат директор на фотографија. Продуцент на фестивалот е Top World, независна ТВ продукција.