На традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта“ годинава ќе се изложат традиционалните мартинки од Македонија Романија и Бугарија, а воедно ќе се одржат и едукативни панели на македонски и на англиски јазик, ќе се постави детско креативно катче, како и мал продажен штанд со ракотворби.
– Малите убави амајлии, во црвено-бела боја – „мартинките“, во декември 2017 година станаа дел од светското културно наследство на листата на УНЕСКО. Културните обичаи поврзани со прославувањето на први март, како што гласи официјалната апликација во УНЕСКО беа прогласени за нематеријално светско културно наследство и се поставени на репрезентативната листа на УНЕСКО, истакна директорката на „Хаемус“, Василка Димитровска.
Директорката на издаваштвото во „Арс ламина“ Бранка Бугариска наведе дека, по повод празнувањето на „Среќна Баба Марта 2018“, во соработка со „Хеамус“ е изработена тројазична книга (македонски, англиски и албански јазик), за мартинките, што е адаптирана за деца од предучилишна возраст.
За прв пат оваа година настанот ќе се одвива под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура на Република Македонија.
„Среќна Баба Марта 2018“, оваа година ќе биде одбележана со настанот што ќе се одржува од понеделник (26 февруари) до недела (4 март) од 10.00 до 18.00 часот во „Рамстор“.