Седумдесет и една години од загинувањето на Рацин на Лопушник

Од:

Што се случи со дел од документацијата на Кочо Рацин?

На 13 јуни годинава се навршуваат 71 година од загинувањето на Кочо Рацин и, повторно, по 71-ти пат, ќе се постави прашањето за мистериозната смрт на  поетот во партизанската база на планината Лопушник, Кичевско. Се разбира, останува и понатаму само да се претпоставува дали убиството е нарачана ликвидација или  станува збор за случајност.

Според д-р Александар Трајановски, мистеријата околу загинувањето на Рацин останува и понатаму, а секоја година се откриваат нови докази според кои целиот настан личи на организирана ликвидација. Причина за тоа можеби е тврдокорниот став на поетот во врска со македонското национално прашање и неговото јавно несогласување со „српските комунистички инструктори“ и македонските партизански послушници.

Дека нешто се криело од јавноста зборува и фактот што за смртта на Кочо, неговите во Велес дознале речиси една година подоцна.

Што однел Славко Јаневски од домот на Рацин во Велес?

„За неговото загинување на 13 јуни 1943-та на Лопушник дознавме една година подоцна. Мајка ми Марија можеби нешто знаела, но веројатно не сакала да верува дека е вистина. Ние не знаевме ништо. Кога партизаните беа во селото Лисиче, Велешко, јас и таа, со едно магаренце на кое имавме товарено бардачиња и грнци, отидовме во селото, кај партизаните. Штабот тогаш бил во Горно Врановци, но единиците што го обезбедуваа реонот беа во Лисиче. Таму го најдовме Ќиро Попадичето, партизан од Велес, близок пријател на Кочо. Тој нé тргна настрана, ја гушна мама и и рече: Тетка Маре, Кочо загина во јуни минатата година. Погребан е таму, на Лопушник.

Мајка ми само се сврте настрана и почна тивко да плаче. Цел пат до Велес плачевме заедно“, се сеќаваше при последната наша средба неговиот најмал брат Александар Солев, потврдувајќи дека по завршувањето на војната сé што чувале од Кочо дома, комунистите дошле, го собрале и го однеле наводно за да се направи Музеј за Рацин. За жал, како што ни изјави тогаш еднинствениот жив брат на поетот, сите материјали и предмети што ги собрале од куќата на Солеви по војната, мистериозно почнале да исчезуваат од Музејот и од библиотеката во Велес.

„Се сеќавам дека прв кај нас дојде Славко Јаневски. Ги разгледа книгите, хартиите и предметите на Кочо, собра сé што мислеше дека е вредно за да се сочува и замина. Целиот пакет што го зеде го однесе во Скопје, а во Музејот во Велес подоцна испратија само копии.

Еден дел од материјалите на Кочо зеде и Алаксандар Спасов. Јас тогаш имав 15 години и не знаев дека хартиите што ги земаат се толку важни. Си спомнувам дека од дома беа однесени неколку сандаци книги, тетратки испишани со ракописот на Кочо и разни други хартии. Ја помнам неговата  стихозбирка „Антологија на болката“, отчукана на машина, која некако остана дома, не ја зедоа. Подоцна тој ракопис шеташе од рака на рака, а потоа исчезна, всушност најпрвин го снема првиот лист со посветата.

Сите што доаѓаа нешто да земат, разговараа со мајка ми, ја убедуваа дека сé што напишал Кочо, сите негови книги и тетратки, ќе бидат искористени да се направи Музеј. Таа им даваше сé, мислејќи дека навистина ќе прават Музеј“, се сеќаваше тогаш, при последната наша средба, осумдесет и двегодишниот Александар Солев, најмалиот брат на Кочо Рацин, помлад од авторот на „Бели мугри“ полни 18 години.

Освен нив двајцата во семејството на Апостол и Марија Солеви се родиле девет деца, а од нив останале живи само шест:  Грозда, Кочо, Димко, Никола, Деса и Александар.

„Во собата каде што работеше, и каде што му беа книгите, Кочо имаше закачено карта на ѕидот на која со иглички есента 1942-ра година бележеше до каде се стигнати Германците. Ништо не зборуваше, но беше многу нерасположен и тажен. Неколку дена подоцна тој замина; не знаев каде оди, но подоцна сфатив дека тоа беше нашето последно видување.

Беше многу рано, не беше уште ни мугра, а јас станав и тргнав по глина за грнци. Кочо не очекуваше дека ќе се сретнеме во дворот. Се сеќавам дека ме погали по главата и двајцата излеговме на уличката. Одевме заедно до местото каде што требаше да соберам земја, а потоа ме гушна и брзајќи замина низ бавчите. Тогаш последен пат гледав како брза да излезе на патот отаде бавчите“, се сеќаваше Александар Солев, најмалиот брат на Рацин.

kochoR1

Кој ја грабнал партизанската чанта на Рацин?

Само една година подоцна, во базата на Лопушник, бил погоден од куршумот на Мино Миновски, партизан кој бил на стража во близина на импровизираната партизанска печатница. Рацин бил смртно ранет, но не починал веднаш, туку неколку часа подоцна. Иако имало доволно време да биде однесен до партизанската болница, раководството кое било на Лопушник не презело ништо тој да биде префрлен на лекување. Макар да се направи барем обид за тоа.

По неколкучасовна агонија, поетот умира и бил закопан во плиток гроб таму каде што бил погоден од Миновски. И веднаш, буквално додека умирал во агонија, почнуваат да исезнуваат материјалите што ги имал со себе. Веднаш по убиството ја снемало партизанската чанта со тетратките во кои Рацин пишувал секогаш кога имало затишје.

Според истражувањата на Блаже Конески, меѓу материјалите во торбата на Рацин била и неговата поема „Сандански“. Тој ракопис до денес не е пронајден, а не се знае ниту од каде можел да знае Блаже Конески дека ракописот бил во торбата што Рацин ја носел на рамото кога загинал. За да се дојде до некаква информација за тоа, секако треба детално да се истражи архивата на Рацин депонирана во МАНУ. Во неа можеби ќе може да се открие некаква тарага каде завршиле материјалите од чантата на поетот.

Многу чудна, мистериозна судбина имаат преживеано и картичките што Кочо и ги праќал на Раца. И нив веднаш по ослодувањето некој ги има однесено од домот на Рахилка Фирфова, а за седум од нив беше изгубена секаква трага каде би можеле да исчезнат. Картичките до Раца, Кочо ги испраќал во текот на 1928 и 1929-та година, кога таа била ученичка во шести клас во Велешката гимназија.

Пред десетина години Раца почина во старечки дом во Скопје, а непосредно пред нејзината смрт, кога таа имаше полни 92 години, имав можност да разговарам со неа за Рацин. Тогаш, меѓу другото, дознав дека стихозбирката „Антологија на болката“ на Рацин, која и била посветена нејзе, Раца ја добила лично до Невенка Вујиќ, која и ја донела дома. Во посветата, а тоа е онаа страница што според Александар Солев ја немало во скриптата, пишувало: „Плавој коси Бесмртне љубави“, а веднаш под тоа бил потписот на Кочо, испишан со крв.

Бидејќи тогаш Раца веќе била мажена во семејството Ѓоргови, ја скинала посветата и книгата и ја вратија на Невенка Вујиќ. Исто така, Раца добро се сеќаваше дека таа имала 38 картички од Кочо, кои ги чувала полни 20 години. Во една од картичките што и ги праќал Рацин на седумнаесетгодишната Рахилка, (Раца) Фирфова, кога тој имал дваесет години, била и картичката во која пишува: „Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бессмртност, кондензиран здив по тебе, Антологија на болката, и мое портре, ако побараш; капка крв од моето тело и душа – веќе имаш… Прости ми или проколнувај – сеедно. Едно само жалам: Што не ја чув смислата на твоите зборови или барем нивната трага со мастило.“

Оваа картичка е испратена на шести октомври 1928-та година. А при последниот разговор со неа, Раца ми кажа дека никогаш не размениле ниту еден збор со Кочо. Според неа, вистинска негова интимна љубов била Невенка Вујиќ, а таа, Раца, била само инспирација за поезијата што ја пишувал.

Како и да е, подоцна сите картички биле земени за да се однесат во Музејот во Велес, а потоа во Архивот на Македонија. Низ преселбите исчезнуваат седум картички, и за нив не се знаеше ништо со години, односно до пред извесно време, кога нив ги откри д-р Александар Трајановски од Институтот за национална историја во Скопје. А пронаоѓањето на изгубените картички на Рацин до Раца е навистина интересна и необична приказна.

kartickiKochoR

Картичките заталкале во приватната архива на д-р Петар Стојанов!?

„Исчезнатите седум картички на Раца, кои вљубениот Рацин и ги праќал во Велес од повеќе градови на Кралството Југославија, ги пронајдов сосема случајно во архивата на проф. д-р Петар Стојанов, Велешанец, кој својот работен век го заврши како историчар во Институтот за национална историја.

Откако биле земени за Музеј, тие навистина еден период биле во специјалниот изложбен салон во просториите на гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, односно во Гимназискиот народен музеј, како што го нарекол неговиот основач и прв управник, тогашниот професор по литература Ѓорѓи Милошев, подоцна архиепископ Гаврил. Според книгата за евиденција на Музејот, картичките на Рацин до Раца најмногу ги користеле Александар Спасов, Атанас Вангелов, Кирил Пенушлиски, Славко Николов, Тихо Најдовски и други.

Загрижени од фактот што речиси неконтролирано почнале да исчезнуваат делови од материјалите на Рацин, картичките и другата негова оставнина биле сместени во Архивот на Македонија и во Архивот на МАНУ. Со години во збирката имаше 31 картичка, а од домот на Рахилка Фирфова-Ѓоргова биле однесени 38 картички! Долго се поставуваше прашањето каде се другите седум картички. Притоа никој не знаеше ништо за нив, а тие биле во приватната архива на д-р Петар Стојанов, кој од 1950 до 1956 година работел како професор по историја во Велес. Подоцна се вработил во Институтот за национална историја во Скопје каде што работеше до пензионирањето.

Работевме во исто одделение речиси дваесет години, но никогаш не ми кажа дека ги има кај себе седумте исчезнати картички на Рацин, но и многу други документи, кои се сметаа за исчезнати. Истражувајќи за тоа како се случило картичките и вредните документи на Рацин да завршат кај него, дојдов до дневникот каде што се бележеле позајмувањата на материјали од Музејот во Велес, а меѓу нив стоеше и името на Петар Стојанов.

Тој за својот специјален албум ги задржал седумте картички на Рацин, заедно со неколку непознати фотографии на поетот и дел од неговата непозната оставнина“, потврди проф. д-р Трајановски во разговорот со него за исчезнувањето на картичките, откривајќи како дошол до нив и до други документи на Рацин за кои неколку децении не се знаеше каде се и кој ги има однесено од Музејот во Велес.

Инаку, уште пред крајот на Втората светска војна или веднаш по неа, професорот по литература во Велешката гимназија, Ѓорѓи Милошев, подоцна архиепоскоп Гаврил, формирал библиотека и музеј, каде во посебен албум грижливо ги чувал сите картички на Рацин, стихозбирката „Антологија на болката“, како и дел од Рациновата оставнина, фотографии, ракописи и веќе публикуваните дела.

Освен за Рацин, во оваа специфична библиотека или Музеј имало ракописи и документи и од други видни македонски автори во предвоениот и повоениот период, како Венко Марковски, Војдан Чернодрински, Никола Киров – Мајски, Крсте Петков Мисирков, Григор Прличев, Антон Панов, Димитар Влахов, Симеон Радев и други.

Според Трајановски, д-р Стојанов, како близок пријател и сосед на Рацин во Велес, можеби имал намера да пишува некаква студија во која првпат ќе објави непознати документи за основоположникот на македонската современа поезија, но, за жал, до смртта во 1995-та година, не стигнал да го реализира тоа, заборавајќи ги ексклузивните документи во својата приватна архива.

„Седумте картички на Рацин до Раца, Петар Стојанов ги имаше сместено во едно сино плико на кое на насловната страница своерачно со молив имаше забележано: Кочо до Рахилка. На пликот има поштенски жиг, Титов Велес, 2 јануари 1956, што значи дека во 1956 година Петар Стојанов веќе ги имал во свои раце овие исклучително значајни документи од оставнината на Рацин. Во друг плик имаше десетина фотографии на Кочо, со ракопис на Стојанов дека станува збор за слики од Кочо Рацин.

На каков начин Петар Стојанов дошол до седумте картички, фотографиите и другата значајна и интересна оставнина на Рацин, не ми е познато во овој момент. Факт е дека ги имал уште пред повеќе од педесет години, а потоа ги заборавил во својата интимна збирка документи. Се поставува прашањето зошто Петар Стојанов не ја појавил на виделина Рациновата оставнина што ја поседувал, во која се и седумте изгубени картички.

Наше мислење е дека тој ненамерно ги затурил или напросто ги заборавил во својата папка, која ја сместил во визбата на својот стан во Кисела Вода. По смртта на Стојанов во 1995-та година, неговата сопруга Лерка со ќерките се подготвуваа да се  преселат во Хрватска, па забрзано ја продаваа неговата лична библиотека и оставнината, во која имаше и многу документи кои д-р Стојанов ги собирал по разни архиви и библиотеки.

Заедно со дел од книгите што ни беа продадени, беше и папката со картичките, фотографиите и другите документи за Рацин. Така, на чудесен, би рекол среќен начин, меѓу другата документација што ја откупив од Маргарита Милева, ќерка на Петар Стојанов, се најде и дел од досега непознатата оставнина на Кочо Рацин, во која беа и неговите изгубени картички до Раца.“

Дали конечно е комплетирана збирката картички во МАНУ?

По поверката на автентичноста, што ја потврдиле сите што го истражуваа делото и животот на Рацин, а меѓу нив и тогашниот архиепископ Гаврил, било утврдено дека тие се картички на поетот, пишувани и испратени во периодот од 1928-та до 1929-та година. Иако изгубените картички д-р Трајановски ги имал кај себе уште во 1996-та година, до објавувањето на неговата студија во 2000-та година никој не знаел дека картичките се пронајдени.

Во меѓувреме, Трајановски ги информирал надлежините во МАНУ дека картичките се кај него и дека тој би сакал да ги отстапи за да се комплетира збирката од 38 картички на Рацин, доколку во МАНУ има интерес за тоа.

За жал, Трајановски не стигна да и ги покаже пронајдените картички на Раца, која до крајот на животот тврдеше дека од  вкупно 38-те картички што ги имала кај себе кога ги однеле во Музејот во Велес, во меѓувреме исчезнале седум. Седумте картички се картичките што д-р Александар Трајановски ги пронајде во зафрлената приватна архива на д-р Петар Стојанов, сместена во визба на една од зградите во Кисела Вода.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска