Книгата „Седмиот печат“ од Сунчица Уневска, позната филмска критичарка, деновиве излезе од печат во издание на издавачката куќа „Слово“ од Скопје.
– Книгата се навраќа на филмски дела кои оставиле траги во филмската уметност и кон кои вреди одново да се навратиме, да ги гледаме, но исто така, да прочитаме за нив текстови како овие во книгава, кои фрлаат на нив знаечки, есеистичко-критичарски поглед, наведува издавачот.
Насловот на книгата „Седмиот печат“ е земен, како што вели авторката во предговорот, од истоимениот филм на култниот шведски режисер Ингмар Бергман, наслов кој се смета за синоним за филмот воопшто.
Една цела глава од книгата Уневска, која најголемиот број критики ги има објавувано на страниците на „Утрински весник“, му ја посветува на македонскиот филм, односно пишува за македонските филмови кои ги одбележале последните 20 години.