Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик на Педагошкиот факултет-Битола во соработка со основните училишта во градот и околните општини, и Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“-Битола одржаа книжевен настан „Се дружиме со Стојан Тарапуза“.
Студентите, професорите, учениците и пошироката јавност имаа уникатна можност да се дружат со Стојан Тарапуза кој во Битола, наизуст говореше свои стихови и поттикна интеракција со публиката, истакнаа домаќините на книжевниот настан.
-Позитивната енергија што тој ја создаде со своето присуство е од непроценливо значење. Делото и значењето на Тарапуза се големи. Нежното лирско, луцидното рефлексивно, хумористичното освестувачко, контрастното предупредувачко, фантастичното комично, нонсенсното ослободувачко и звучното облагородувачко, сите тие се карактеристики на поезијата на Стојан Тарапуза. Неговиот јазик е едноставен, јадровит, но богат и близок на децата. Децата му веруваат, затоа што знаат дека тој ја говори вистината и не ја искривува реалноста, но исто така и тој го разбира говорот на децата, затоа што поголема вистина од таа што децата ја кажуваат нема, истакна проф. д-р Андоновска-Трајковска во својата критичко-есеистичка анализа.
На книжевниот настан, библиографските податоци за Тарапуза ги истакна професорот д-р Златко Жоглев, студенти и ученици под менторство на проф. д-р Биљана Цветкова Димов интерпретираа стихови, а настанот беше целосно презентиран и со преведувач на знаковен јазик.
-Децата учесници, со рачно изработени честитки, го честитаа роденденот на Тарапуза, а деканот на Педагошкиот факултет-Битола, проф. д-р Добри Петровски му додели посебно признание за исклучителен придонес за развојот на литературата за деца, информираа организаторите на книжевниот настан.