Во превод од турски на македонски јазик, во издание на „Бата прес“ излезе романот „Зубук“ од големиот турски писател Азиз Несин.
Иако првпат објавен на турски јазик уште во 1961 година, романот-хроника и жестока политичка сатира „Зубук“, во изминативе повеќе од пет децении доживува превод на многу други јазици, а има и нови изданија на турски јазик. Делото од турски на македонски го преведе Нејат Селман.
Описите на настаните и личностите од местото „на крајот на светот“ што го покрива „мртовечка прашина“ ги отвораат видиците и панорамите кон големиот град, кон главниот град… Зборуваат дека човечката глупост, наивност, завист, алчност и кариеризам се вонвременски и независни од просторот. Од оваа книга – патоказ за политичко дејствување, политичка маркетинг кампања и стратегија – поука би можеле да извлечат и најсовремените политички партии од најразвиените парламентарни демократии и водечките ПР тимови.
Според сценарио од романот „Зубук“ во Турција е снимен и мошне популарен филм, а зборот зубукштина стана ознака за одредено политичко и општествено однесување и менталитет.
Азиз Несин (1915-1995) е еден од најсилните и најплодни современи турски писатели што го обележа минатиот – 20 век. Автор е на повеќе од 120 книги, а негови дела се преведени на повеќе од 30 јазици во светот.