„Македоника литера“ го објави романот „Слепиот музичар“ од рускиот писател Владимир Короленко, во превод од руски јазик на Ленче Тосева а со оригинални илустрации на Миле Топуз.
– Во „Слепиот мизучар“ авторот го поставува прашањето: што е човечката среќа? На едноставното прашање одговорот не е едноставен. Короленко суптилно, чекор по чекор, како вистински психолог, проникнува во светот на својот главен херој кој е роден слеп. Тој живее во тесен и ограничен свет, лишен од радоста на светлината и шаренилото на боите. Може ли човекот роден со инвалидитет, лишен од некое важно сетило или орган во целост да го живее животот и да се оствари на секое поле од животот? Како може слепиот човек да знае по кој пат да тргне кога многу често и оној што гледа не го избира вистинскиот пат? Тежок е патот за самосознавање и патот до среќата на слепиот главен лик, „во потрагата по светлината“, наведува „Македоника литера“.
Издавачот посочува дека во делата на Короленко (1853-1921) преовладуваат лирски мотиви и поетски пејзажи, но човечките чувства секогаш се во преден план. Преведен е на многу јазици, а некои од неговите дела се екранизирани, меѓу кои и неговото најпознато дело – „Слепиот музичар“.
Владимир Галактионович Короленко (Житомир, 1853 – Полтава, 1921) е руски писател, публицист и новинар со украинско-полско потекло. Автор е на повеќе прозни дела. Како поддржувач на популизмот бил прогонуван и затворан. Бил голем хуманист и популарен писател и општественик.
– Времето на неговиот живот во руската литература и општественост е познато и како „епоха на Короленко“. Неговото творештво станало симбол на совеста и угледот на епохата уште за време на неговиот живот. Благодарение на својата вештина за набљудување и умешноста да ги разбере луѓето, писателот инспирацијата за своите дела ја црпел од реалните случувања. Короленко, пред сè, е писател – хуманист, информира „Македоника литера“.