Книгата „Емоционален манипулатор“ од познатата млада македонска писателка Ксенија Николова беше претставена во КИЦ на Северна Македонија во Софија.
Таа за дописникот на МИА од Софија го изрази задоволството од појавувањето на нејзината книга на бугарскиот пазар на книги, објавена од „Books4all“, како и од можноста да и ја претстави книгата на бугарската публика, која помина во многу добра атмосфера и искрен разговор со присутните.
Според неа, литературите на Бугарија и Северна Македонија треба да соработуваат и да се запознаваат подобро, да разменуваат културни идеи и можности и да продрат со цел да ги зајакнат контактите меѓу нив. На младите автори од двете земји, вели, треба да им се даде шанса да се запознаат едни со други, а издавачките куќи да ги презентираат своите книги за да можат општествата подобро да се запознаат.
Според Николова, младите автори од двете страни на границата треба да бидат поддржани, бидејќи не станува збор само за литература, туку и за култура воопшто. Посочува дека лично е задоволна што она што го работи наоѓа интерес надвор од границите на Северна Македонија и води до подобро запознавање меѓу двете соседни земји.
-Ова може да биде важна мотивација за младите претставници на културата да се чувствуваат значајни, дека тие придонесуваат за меѓусебно разбирање и размена на идеи, вели Николова
Во моментов во Северна Македонија, според неа, има многу интересни автори кои пишуваат и создаваат модерна литература и дела. Дигитализацијата и социјалните медиуми влијаат на овој културен процес, што ја зајакнува нивната желба да ги презентираат своите креации и книги.