„Македоника литера“ го објави романот за деца „Јамболија што лае“ од Киро Донев, за кој авторот потпиша договор за превод на бугарски и на украински јазик, а резервирани се и правата за превод на српски јазик. Сите три превода треба да бидат објавени во 2016 година.
Книгата е илустрирана со цртежи на Миле Топуз. Се работи за роман сказна, во кој животните зборуваат, а главни ликови се домашни миленици – куче и маче, но и еден пензиониран зообиолог, неговата сопруга, која е учителка, и нивното внуче. Еден од главните ликови, според кои е насловен романот, е едно рунтаво куче кое наликува на парче јамболија.
– Ова е книга заснована на факти за домашните миленици. Кучето го разбира јазикот на човекот, но човекот не може да зборува на неговиот „јазик“. Ако овие животни почнат да зборуваат меѓу себе и да комуницираат, тогаш и кучето ќе го изгубиме како пријател. Човекот, на пример, може да се однесува како животно, за разлика од кучето, кое е животно. Кај кучето постојат сите чувства што ги има и кај човекот, како што се: љубов, бес, страв, верност… Сето тоа е опишано во книгата и токму затоа ова е роман во кој се опишува менталниот склоп на кучињата, мачките, птиците… вели авторот.
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца, пред сè прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници, а за своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија. Негови дела се преведени на неколку јазици.