„Македоника литера“ го објави романот „Седмиот ден“ на македонскиот писател Ивица Челиковиќ, втор негов роман во кој, како и во првиот „Зад источната линија“, пишува на иселеничка тема, за илузиите, патешествијата и лавиринтите во македонските и балканските емигрантски кругови во Европа.
– Но овојпат во една поширока рамка на идентитетски прашања. Главниот лик, Андреј Наумовски, во малите и големите бегства од себеси и секојдневието е распнат меѓу недоразбирања, конфликти и осамености. Го измачуваат постојаните балансирања на работ на бездната во замаглениот простор, во кој напорите да се зачува интегритетот во туѓиот свет се чинат залудни, и како никогаш да не постоеле…, соопшти издавачот.
Ивица Челиковиќ (1962) е поет, раскажувач и преведувач. Роден е во Скопје, каде што завршил Интердисциплинарни студии по новинарство. Студирал и на Институтот за медиуми и масовни комуникации во Гетеборг, Шведска, каде што живее и работи. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на шведските писатели.
Автор е на стихозбирките: „Школки во рацете“ (1990), „Долги граници со небото“ (1992), „Метаморфози на патот“ (2002), „Возови во пајакова мрежа“ (2006), „Праг и огледало“ (2008), „Во ѕидот знак“ (2010), „Сенки на северот“ (поетски избор, 2013). Негови стихови се преведувани на англиски, шведски и персиски, а во 2014 година од печат излезе неговиот поетски избор „Сенки на ѕидот“ во превод на шведски јазик.
Автор е на романите „Зад источната линија“ (2004) и „Седмиот ден“ (2014).
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои „Млада Струга“, „Златно перо“, „Иселеничка грамота“ и „Стојан Христов“.
Преведува шведска и норвешка литертура на македонски јазик. Превел триесетина дела од познати шведски писатели, меѓу кои од Аугуст Стриндберг, Селма Лагерлеф, Хари Мартинсон, Торгни Линдгрен, Гунар Екелоф, Биргита Тротциг, Артур Лундквист, Астрид Линдгрен, Ласе Содерберг, Катарина Фростенсон и Микаел Ниеми.
Преведува и македонската литература на шведски. Составувач е на антологијата „Македонска поезија“ што во негов превод на шведски беше објавена во 2005 година.