Романот „Во очекување на Нобеловата награда“ на Душко Родев неодамна беше објавен во Србија од издавачката куќа „Агора“ од Зрењанин.
Романот на Родев, за кој рецензии напишаа Наташа Дракулиќ и Благоја Иванов, беше изложен на штотуку завршениот Саем на книгата во Белград. Сопственикот и главен уредник на „Агора“ Ненад Шапоња покажа интерес и за другите романи за Родев, па деновиве меѓу издавачот и авторот беше потпишан договор за превод на српски јазик и на романот „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“.
Душко Родев (1932) е добитник на повеќе награди и откупи на конкурсите за раскази на „Нова Македонија“ и „Политика“. Неговиот роман „Човекот што ги сакаше калинките“ ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ за 2010 година.
Родев е автор на романите: Беспатици; Враќање кон црвената земја; Еребици во каменестиот пејзаж; Разговори со Дојрански; Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре; Цветот на дивата роза; книгите раскази: Зелена боја по дождот; На снегот, со Олја; Косови, зиме; и драмите; Здраво седма сило и Првиот ешалон. По негово сценарио е снимен и ТВ-филмот Дивеч за отстрел.