Издавачката куќа „Блесок“ го објави романот „Мој дел среќа“ на писателот од Велс Луис Дејвис, во превод од англиски на Катица Гароска-Ацевска. Книгата е објавена со поддршка на Програмата за култура (2007 – 2013) на Европската комисија.
Луис Дејвис (1967) е писател и издавач кој се вбројува меѓу најдобрите автори во велшката современа книжевност. Добитник е на повеќе литературни награди. Пишува романи, драми, куси раскази, поезија и есеи.
Неговиот прв роман „Работа, секс и рагби“ станал бестселер веднаш по објавувањето. Потоа следуваат романите „Чавкино дрво“ и „Мој дел среќа“ (кој првично бил изведуван како драмско дело). За патописот „Автопати“ ја освоил престижната награда „Џон Морган“, а за кусиот расказ „Чоколадата на господинот Рупратна“ ја добил наградата „Рис Дејвис“.
Автор е и на книги есеи, драмски текстови, кои се прикажуваат во повеќе театри низ Велика Британија, како и серија книги за деца со наслов „Таи и Треморфа Трол“.