Теа Беговска, режисерката на интернационалниот видео проект “Револуција во живо”, кој својата онлајн премиера ќе ја доживее на 30.09.2020, ни ја открива приказната за проектот и спојот на актерите од пет различни држави. Во проектот учествуваат актери од Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Франција, Мексико и Турција.
„Идејата за овој проект ја имам веќе неколку години и сакав да го работам во една друга, поинаква форма. “Револуција во живо” требаше да биде продолжување на проектот “Контрола” (претстава во автобус) и требаше да се случува на три различни локации, со многу актери, музичари, уметници, еден спој на различни артисти, а публиката требаше да биде цело време во движење, од едно место на друго.
Идејната комплексност на овој проект бараше голема финансиска поддршка, бидејќи во проектот беше замислено да учествуваат само невработени артисти, а и самата организација бара сериозна финансиска поддршка која ја немаме. Не бев сигурна како и во која форма ќе го реализирам проектот. Ситуацијата со карантинот ме наведе да размислувам во друг правец, а сепак суштината некако да се задржи. Решив да исконтактирам мои блиски пријатели, актери ширум светот. Ги одбрав темите, а изборот за мене беше навистина тежок. Направив спој на актери кои сите сум ги запознала на различен начин, а нивната работа добро ја познавам, и за мене беше многу интересно што сите имаат различен актерски сензибилитет и пред се’ се многу сериозни и успешни актери. Тие меѓу себе не се познаваат, со сите работев индивидуално давајќи им една тема. Нивната задача беше на својата тема да направат видео со времетраење од пет минути. Ова беше голем предизвик во толку кратко време да се сублимираат толку сериозни теми како: љубов, верба, надеж, храброст и вистина.“, вели Беговска.
Проектот е работен неколку месеци а премиерата ќе биде изненадување за сите учесници во проектот.