Ревија на етнолошки документарни филмови организира утре Музејот на Македонија во рамки на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“.
Ревијата ќе почне во 10.30 часот и ќе прикаже три филма: италијанско-британскиот „Оние кои останаа“ во режија на Аријана Наци од 2017 година, турскиот „Необични луѓе“ на режисерот Орхан Текоглу од 2016-та и филмот од Етиопија „Три дена слобода: женска прослава на Ашенда во Мекел Тиграј, северна Етиопија“ на етиописките режисери Тера Мијаланд и Теводрос Хајдемикаел, снимен оваа година.
Музејот на Македонија соопшти дека особено е впечатлив африканскиот филм во кој се документирани напорите за зачувување на дел од нематеријалното наследство на Етиопија.
– Ашенда е обред на премин на жените од Етиопија и Еритреја, кој е во процес на постепено исчезнување. Овој документарен филм ја раскажува приказната за еден специфичен обид за заживување на овој обред во главниот град на Тиграј, Мекел. Групи од девојчиња и млади жени доаѓаат од сите делови на регионот за ја слават својата слобода цели три дена, наведува Музејот на Македонија.