Културно-информативниот центар вечер во Салон 19,19 организира рецитал на виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа и пијанистката Маја Кастратовиќ, кои имаат активна професионална соработка како дуо виолина-пијано уште од 1994 година.
Пијанистката Сихана Бадивуку потекнува од музичко семејство. Родена е во Приштина, дипломирала и магистрирала на Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“ во Москва во класата на проф. Чугаева.
Завршила мастер курс на Академијата во Сиена, Италија. Учествувала на меѓународни натпревари за виолина и има одржано многубројни концерти во Македонија и во странство. Со пијанистот Јоуни Сомеро во Финска објавила ЦД „Brahms Sonatas“.
Маја Кастратовиќ исто така дипломирала на престижниот московски конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, а постдипломски студии завршила во Скопје во класата на проф. Борис Романов.
Настапувала со Македонската филхармонија и има голем број солистички концерти и настапи со камерни ансамбли. Има одржано многубројни концерти во земјава и странство, настапи на меѓународни фестивали и е добитник на бројни награди. Живее и предава часови по пијано во Словењ Градец, Словенија.
На вечерашниот концерт тие ќе изведат дела од Дитрих, Шуман, Брамс, Креислер.