Реакција на Министерството за култура на прес-конференција на пратеникот Крсто Јовановски

Од:

„Во врска со ставовите изнесени на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ на 13.06.2017 година од страна на пратеникот Крсте Јовановски, како реакција на изјавата на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски дека ќе ја остави фасадата на зградата на Министерството со боите од Шарената револуција, Министерството за култура смета дека изнесените ставови не претставуваат никакво изненадување, туку напротив, се очекувана реакција и продолжување со познатата пракса на ВМРО-ДПМНЕ.

Многу брзо, дури експресно, во обид да го обвинат новиот министер за непознавање на законите од областа на културата, всушност ВМРО-ДПМНЕ ја открива сопствената неукост, видлива и преку изансилената, предимензирана реторика, која претставува обид за прикривање на сопствените злодела извршени врз културното наследство на Република Македонија.

Најпрвин, да посочиме дека оваа лоша намера е видлива поради брзањето да се реагира со употреба на погрешни термини како „санација“ и „руинирање“. Имено, на фасадата на Министерството за култура не ѝ е потребна санација затоа што не е руинирана. На фасадата, при минатогодишните протести, на неколку места е нанесена боја, односно разреден поликолор, кој се чисти со млака вода. Од конзерваторски аспект, за направените наводни „оштетувања“ на фасадата на зградата на Министерството за култура, може да се говори само за евентуално безболно/рутинско чистење и евентуално белеење. За жал, пратеникот Јовановски го нарекува тоа руинирање на културното наследство, што е комично.

Сосема друго прашање е дали министерот ќе одлучи да ја задржи фасадата во постојната состојба, како сведоштво на Шарената револуција и борбата за демократија. Неговото дискреционо право и постојната законска регулатива му овозможува на министерот да го оформи својот став и да побара и експертска валоризација на културните аспекти на Шарената револуција, вклучувајќи ги и нејзините белези на фасадата, како дел од хронологијата на опстојувањето на ова културно наследство. Тоа ни оддалеку не е интервенција од типот на рефасадирање на културното наследство, какви што имавме неколку во изминативе години, токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Веројатно, белезите од Шарената револуција им пречат на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што сведочат за нивното заминување од власта по повеќе од една деценија автократско владеење, за што голем придонес има токму Шарената револуција. Оттука, разбирлива е и главната причина за овие бурни реакции. Нормално е и очекувано оваа партија и нејзините претставници да сакаат тие белези да бидат избришани, затоа што ги потсетуваат на големиот пораз на нивните политики.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, сосема спротивно од претходното раководство на министерството, нема да постапува конспиративно, да поттикнува корупција, клиентелизам и криминал, да постапува незаконски, да брише утврден статус на културно наследство и да врши упад во работата на стручните служби, претворајќи ги во марионети. Министерот Алаѓозовски ги охрабрува стручните служби да работат според нивната стручност и совест, без партиски притисоци и надворешни влијанија.

Сметаме дека е мошне лицемерно партијата ВМРО-ДПМНЕ да зборува за грижа за културно наследство и кривични пријави, кои допрва треба да следат, но токму за поранешната министерка за култура, во чиј мандат изгореа конаците на манастирите Св. Јован Бигорски и Трескавец, изгоре Беговата куќа во Велес, се случи најголемата кражба на артефакти во Музејот на Македонија, кој подолго време се распаѓа. Крајно лицемерно е да се говори за грижа за културното наследство, додека пропаѓа она врвното и најдрагоценото, како што е црквата во Курбиново, или пак Султан Муратовата џамија, која е единствена од ваков вид во регионот. Неморално е за културното наследство да говорат оние, кои се обидоа да продадат врвно културно наследство, Офицерскиот дом во Битола, како обична недвижна ствар!

Ќе има и одговорност и кривични пријави. Освен за работите што ги наведовме, и за многу други работи за кои јавноста е добро запознаена. Ќе има одговорност, за криминалните активности на Плаошник, Скопско Кале, за лажните градби од т.н.проект Скопје 2014, кои спротивно на законот беа прогласени за културно наследство.

Затоа, експресниот напад врз новиот министер, кој е на оваа функција само две недели, го сметаме за очајнички обид за прикривање на злосторството врз културното наследство направено во изминатите 11 години. Но, ваквите обиди воопшто нема да го поколебаат Министерството да ги оствари своите заложби и новите културни политики, кои ќе бидат далеку постручни, поинклузивни и поефикасни од криминалниот и конфликтен пристап, кој беше нуден и реализиран сите овие години“, се вели во реакцијата на Министерството.

Би можело да ве интересира

Саем на книга 2025 – книгите се многу повеќе од зборови, тоа се мостови што поврзуваат луѓе, култури, идеи

МАНУ промовираше тритомно издание „Кочо Рацин“

Нови датуми за Глумците Пеат

Поради трагичниот настан во Кочани се одложува Неделата на франкофонскиот филм

Предраг Петровиќ

Концертот на Мариа Мендеш ќе се одржи и ќе биде со хуманитарна цел

Премиера на детската театaрска претстава „Плашливиот Лав“

Предраг Петровиќ