Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) реагира на доцнењето на објавувањето на резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура. Потсетува дека според законскиот рок, резултатите треба да бидат објавени најдоцна 45 дена од донесувањето на државниот буџет (20 декември 2020), смета дека доцнењето е на штета на издавачите и на реализацијата на проектите и реагира што нема известување за причините за пролонгирањето и за евентуалниот датум кога да се очекуваат резултатите.
– Настанатото необразложено доцнење предизвикува нарушување на организацијата и планирањето на работата од страна на издавачите, како и голема неизвесност за издавачите, а особено за нивните надворешни соработници. Дополнително, се наметнува прашањето дали и колку финансиските проблеми на Министерството за култура и проблемите со минатогодишната програма ќе влијаат на вкупниот буџет и средствата што ќе бидат одвоени за проектите од Годишната програма за 2021 година, пишува во реакцијата на МАИ.
Додава и дека Министерството за култура било ригорозно во однос на продолжувањето на роковите за проектите од Годишниот конкурс за 2020 година и не им ја овозможило на издавачите законски пропишаната можност за продолжување на роковите „до крајот на тековната година“ според Законот за култура, и покрај реакцијата на здружението за ланското доцнење на потпишувањето на договорите со издавачите и вонредните услови во кои западна целата економија со КОВИД-кризата.
-Во тој поглед, сегашното доцнење на резултатите е контрадикторно и говори за некоректен однос кон македонските издавачи, наведува МАИ.
Асоцијацијата додава и дека се изненадени од одлуката на Министерството да се замрзнат исплатите за проектите од 2020 година, иако тие се доставени во предвидениот рок, односно до 15 ноември. Издавачите, ниту консултирани и информирани, со оваа одлука се принудени самите да ги подмируваат долговите за проектите, што дополнително ја отежнува нивната состојба.
-Поради тоа, бараме исплатата на средствата за овие реализирани проекти да не се пролонгира без основ и да биде реализирана во најбрз можен рок, наведува МАИ.