Галичани одлучија повторно да ја одложат Галичка свадба, поради спречување на ширењето на Ковид-19.
„И покрај огромната желба и напорите што ги направивме да создадеме услови да ја одржиме традицијата на Галичката свадба макар и на Богородица, сепак, за жал, објективните околности бараат од нас да направиме голем компромис.
Традиционалната манифестација Галичка свадба, со придружните забави годинава нема да се одржи. Општото добро за Галичани било секогаш на прво место“, велат од Месната заедница Галичник.
Традиционалната Галичка свадба која секоја година се одржува во деновите околу празниците Петровден и Павловден, оваа година поради пандемијата со Ковид-19 првично беше одложена за празникот Голема Богородица.
Галичани најавија документарен филм за Галичник и Галичка свадба, за кој во моментов се создава сценарио.
Тие се надеваат дека следната година, епидемиолошката ситуација ќе биде поповолна и ќе може да се одржи манифестацијата Галичка свадба.