Издавачката куќа „Темплум“ по 16-ти пат го распиша конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик.
Целта на наградата, како што соопштија од издавачката куќа, е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски.
Спонзор на наградата е Комерцијална банка, а можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга.
Ракописите, кои се испраќаат по електронска пошта, треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат. Наградата изнесува 1000 евра бруто и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.
Од „Темплум“ соопштија дека под проза пред сè се подразбираат кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираат и специфичните жанровски експериментални форми.
Ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. околу 90.000 компјутерски знаци.
Ракописите можат да се испраќаат до 15 ноември на електронска адреса „[email protected]“. Наградата ќе се додели кон крајот на месец декември 2021 година.
Досегашни добитници на наградата „Новите!“ се Алекс Букарски, Галијана Маркова – Будимка Поповска, Дозгулпмус – Климент Булоски, Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон – Кирил Минанов, Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Ѕвездан Георгиевски, Гето Руди – Дејан Василевски, Андреј Ал-Асади, Ирена Јурчева и Игор Лозаноски.