Општина Велес денеска го распиша конкурсот за доделување на актерската награда „Петре Прличко“.
Мартин Мајсторов портпарол на Општина Велес, појасни дека на конкурсот предлог за кандидат можат да поднесат физички и правни лица од областа на драмската уметност како драмски уметници, национални и локални институции и здруженија на граѓани од областа на драмската уметност од Република Македонија.
Кандидатите треба да се професионални драмски актери државјани на Република Македонија. Приоритет на конкурсот имаат драмските актери од средната генерација. На конкурсот нема да се земаат предвид предлозите со кои кандидатите се предлагаат самите.
Инаку, Општина Велес заедно со здружението на актери „Џинот“ оваа висока актерска награда со името на Петре Прличко доајенот на македонското глумиште ја доделува од 2006 година. Досегашни добитници се Благоја Спирковски Џумерко,Емил Рубен,Петар Мирчевски,Благоја Чоревски,Мето Јовановски,Борис Чоревски,Петар Темелковски и Драган Спасов Дац.