Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ распиша конкурс за доделување на оваа награда за 2013 година. Конкурсот ќе почне од 1, а ќе трае до 30 април годинава.
Со државната награда „Мајка Тереза“ се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Државната награда, како што соопшти Министерството за култура, се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата, а може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.
Наградените поединци ќе добијат диплома и паричен износ, а секој член од наградената група или екипа, покрај дипломата ќе добијат и еднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета. Паричниот износ на државната награда „Мајка Тереза“ изнесува пет просечни месечни плати во Република Македонија исплатени во последните три месеци на тековната година.
Подносителите на иницијатива за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани прецизни биографски податоци, адреса на живеење, податоци за остварените резултати во областа во која е постигнато остварувањето и други податоци што се смета дека ќе придонесат во оценувањето.
Подносителот на иницијативата мора да го наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон. Комплетираниот текст на иницијативата да се достави во 15 примероци, а трудови се третираат како прилози и треба да се достават во еден примерок.
Иницијативите треба да седостават до Министерство за култура на Република Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мајка Тереза“.