По повод 11 март, Денот на холокаустот на македонските Евреи, порталот за алтернативна култура и уметност KontraPress од Белград го објави расказот „Сликата на тетка Рашела“ од Томислав Османли.
Расказот е посветен на млада Еврејка од Битола која токму на 11 март по сопствена волја заминува во ноќта, решена да ја дели судбината на своите сонародници, кои забрзано го минуваат градот во долги колони, на пат без враќање. Објавата вклучува и поголем број автентични фотографии од депортацијата на македонските Евреи.
„Сликата на тетка Рашела“ своевремено доби прва награда на конкурсот за расказ на Фондот „11 март 1943“ и на МАНУ, а имаше и голем број меѓународни објави.
Ова е трета проза на Томислав Османли што ја објавува белградскиот портал KontraPress. Преводот е на Зоран Ж. Пауновиќ, кој редовно ги преведува прозите на Османли на српски јазик.
Неодамна беше објавена и новелата „Свадбата на Дорќол“ во списанието „Sent“, која беше повод и за интервју на нашиот писател за емисијата наменета за литература на Радио Белград 2.