Радмила Костова-Мила: Со „Биди среќна ѕвездичка“ ги учам децата да бидат храбри и да се почитуваат

Од:

Секој од нас е роден под среќна ѕвездичка и е дел од еден голем синџир во кој имаме свое важно место. Мојата најголема цел со оваа книга ми беше децата да научат дека секое од нив е посебно и притоа да се почитуваат меѓусебно, иако се различни, посочи авторката Радмила Костова-Мила на вчерашната онлајн промоција на нејзиното дело „Биди среќна ѕвездичка“ која се одржа на фејсбук-страницата на „Литература.мк“.

Промоцијата, како што соопшти „Арс Ламина – публикации“, ја водеше уредничката Бисера Бeндевска која ја престави „Биди среќна ѕвездичка“ како илустрирана книшка сочинета од 11 кратки поучни приказни за деца, во која главните ликови Виктор и Леона, братче и сестричка, усвојуваат искуствена порака преку авантурите и предизвиците со кои се соочуваат.

Целта на оваа книга, додаваат, е децата да се мотивираат да ги гледаат убавите страни на секоја навидум безизлезна ситуација и самите да стигнат до решението на „проблемот“, помогнати од возрасните во нивното опкружување.

− Најлесен начин да се допре до децата е преку приказна или игра. Кога ги учевме буквите со моите деца имавме своја кореографија и песна. Кога се соочуваа со некој проблем, го решававме со приказна. Така, еден ден Виктор, мојот син, предложи да направам книга во која ќе ги ставиме приказните. Јас веќе имам напишано книга за возрасни и претпоставувам дека од таму ја доби и идејата, но така почна целата приказна, вели Костова и додава дека главните ликови во „Биди среќна ѕвездичка“ се именувани по нејзините деца, иако нивните карактери не се отсликани во секоја приказна.

Илустрациите во „Биди среќна ѕвездичка“ се на Калиопи Трпчева, а книгата завршува со друштвена игра чијашто главна цел е играчите да се забавуваат и да се запознаат.

Радмила Костова-Мила е авторка на текстови за личен развој на социјалните мрежи и тренер за личен развој и мотивациски говорник. Ја има објавено книгата „Инспирирај се за промени“, а „Биди среќна ѕвездичка“ е нејзино прво дело за деца.

„Биди среќна ѕвездичка“ е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“ и е достапна во сите книжарници „Литература.мк“, како и да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.mk.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска