Радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај

Од:

Деновиве излезе најновото дело на новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти Искра Чоловиќ и Свето Стаменов – двојното аудио ЦД „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот” (радио – елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај), посветено на првата македонска поетеса и основоположничка на тнр. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година.

Радио – елегијата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот” има три структурални делови: авторски текст – коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, избрани стихови од двете антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот” и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници: м-р Златица Поповиќ – Ручигај, Евгенија Шуплинова, Иван Чаповски, Михо Атанасовски, Гордана Михаилова – Бошнакоска, Коле Чашуле, Светлана Христова Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Људмил Спасов, Кристина Николовска, Васил Тоциновски, Александар Прокопиев и Ирена Павлова де Одорико. Како таква оваа радио – елегија, всушност, е есенција на најважното, најскапоценото, но и најсетното од животописот, но и поетопис за најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, жената која сосема сама започна и сврте цела една страница во македонската поезија, оставајќи длабоки и неизбршливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто.

Даница Ручигај со својата исконска физичка и духовна убавина и со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие наши македонски простори, пред повеќе од пет децении со своите стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот” ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет ќе тргнат повеќе модерни, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Таа, македонската Силвија Плат, амазонката на македонската современа поезија, и најхрабрите по неа се изборија за рамноправно создавање на жената во најсуптилната сфера во уметноста – поезијата, дарувајќи ни возвишени плодови на поетското создавање, збогатувајќи ја комуникацијата меѓу двата пола и облагородувајќи го светот во нас и околу нас. Затоа, мораме да признаеме, сакале или не, дека во тоа време преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува авангарда во вистинска смисла на зборот.

Но, и покрај тоа, Даница и нејзините „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот” ја имаа таа проклета наша македонска судбина да бидат жртви на ненамерна или намерна заборавеност и на повеќедецениски целосен молк. Затоа, радио – елегијата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот” е уште еден обид на авторите, кои повеќе од две децении неуморно трагаат по животните и творечките врвици на Даница Ручигај, од првата македонска поетеса да биде симната копрената на заборавот и конечно да си го заземе местото што и припаѓа на македонското поетско небо.

Инаку, Искра Чоловиќ и Свето Стаменов неодамна ја промовираа антологијата на песни посветени на првата македонска поетеса Даница Ручигај „Недореченост, о проклета да си“, што ја приредија по повод 55-годишнината од нејзината смрт, а заедно со м-р Надица Караколева беа автори на изложбата на факсимили на рачно напишани песни посветени на Даница Ручигај, која беше поставена во Младинскиот културен центар – Скопје од 6 до 15 септември 2018 година. Исто така, тие се автори и на книгите „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016) и на „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се“ (2017), а беа приредувачи на книгата „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“ на Даница Ручигај, која беше објавена во 2003 година по повод 40-годишнината од нејзината трагична смрт и од скопскиот катастрофален земјотрес и која, покрај двете нејзини антологиски стихозбирки, содржи се што дотогаш беше напишано и објавено за неа и за нејзиното творештво.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот