Еден од добитниците на „Рациновото признание“ за 2016 година е романот „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски. Наградата се доделува за прозна книга што е иновација во форма, структура и содржина и што ја одбележала годината помеѓу двете „Рацинови средби“, соопшти издавачката куќа „Антолог“.
Комисијата во состав проф. д-р Јелена Лужина, проф. д-р Елизабета Шелева и Димитрие Дурацовски одлучи оваа година наградата рамноправно да ја поделат двајца автори: Владимир Јанковски за романот „Невидливи љубови“ и Сашо Димовски за книгата „Петтото годишно време“.
„Невидливи љубови“ е роман составен од три приказни, во кои авторот преиспитува некои од клучните аспекти на современата љубов: односот меѓу присуството и отсуството, опседнатоста со појавното и со видливото, идејата за Другиот како конструкција и како фикција. Две нетипични бајки за возрасни премостени со една филмски раскажана приказна, во кои како во музичка композиција идеите варираат, се надополнуваат, си противречат или течат паралелно една покрај друга. Бајковидните елементи се комбинирани со речиси сирово реалистички описи и токму во тој спој лежи еден од најпривлечните елементи на текстот.
Владимир Јанковски досега ги објавил книгите: „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ), „Скопје со широко отворени очи“ (2008, фотоесеј, заедно со фотографот Иван Блажев), „Лицата на невидливиот град“ (2010, фотоесеи, заедно со фотографот Иван Блажев), „Вечно сегашно време“ (2010, роман) и „Невидливи љубови (2015, роман).