„Птиците од ланските гнезда“ од Маџунков – „Роман на годината“

Од:

 Романот „Птиците од ланските гнезда“ од академик Митко Маџунков во издание на „Три“, е годинашен добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“.

Одлуката ја донела жири-комисијата со тајно гласање по пет селекции од пристигнатите 46 романи кои се натпреварувале за престижната книжевна награда.

– Чувството да се добие оваа престижна награда е многу добро. Сметам дека во оваа ситуација наша, кога литературата е малку присутна во медиумите, кога нема соодветна рецепција и критичка мисла, речиси нема никаде рецензии, овој потфат на „Утрински весник“ е многу важен за афирмацијата на нашата култура воопшто, не само на македонскиот роман. На тоа треба да се истрае и целиот процес уште повеќе да се афирмира, со поголема присутност на авторите, со притискање за критички осврти итн. Мислам дека е тоа поентата. Бидејќи, романот како една сложена структура, меѓу другото, е и во функција на одбрана на јазикот, на неговата висока артикулација, а тоа е нешто што не’ засега сите нас, вели лауреатот Митко Маџунков.

Во образложението за наградата од жири-комисијата во состав: Елизабета Шелева, претседател, Снежана Младеновска-Ангелков, Ефтим Клетников, Коле Манев и Катерина Богоева, членови, се вели дека романот „Птиците од ланските гнезда“ од Маџунков се издвојува од преостанатите романескни дела, според својата исклучително умешна, маестрално срочена композиција, во која се откриваат најдобрите карактеристики на полифонискиот роман.

– Романот на Маџунков е монументално книжевно остварување, кое опфаќа случувања од само еден единствен ден (недела), распоредени во 19 одделни поглавја, во кои среќаваме галерија впечатливи, машки и женски ликови, сместени во уметничкиот време-простор на еден, пластично насликан балкански град – Белград. Голем број од овие ликови се (речиси, донкихотски) упатени или поврзани со книгите (или, Библиотката, како нивен, легитимен Дом) – но, ниту еден од нив, нималку не е книшки (безживотен, стерилен) човек. Напротив! Секој(а) од нив, на себе-својствен, егзистенцијално обусловен начин, се соочува и се носи со сопствената обездоменост, или, подобро кажано, фрленост во една вознемирувачка, турбулентна низа епоха, на сурови промени и предизвици, се вели во образложението.

Според Жири-комисијата, „Птиците од ланските гнезда“ е урбан роман, речито сведоштво за денес актуелните, урбани луѓе и нивните судбини, роман за трагично осамените индивидуи, низ кои се прекршува колективната карма или осуденост на само еден, без-алтерантивен простор, време, нација, култура.

Во најтесен избор за доделување на ова високо почитувана награда за проза се најдоа романите „Резервен живот“ од Лидија Димковска и „Историја на луѓето што умреа од страв“ од Ермис Лафазановски.

mitko-madzunkov

Писателот и академик Митко Маџунков е роден во Струмица во 1943 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград на групата за општа книжевност и теорија на книжевноста. По дипломирањето, останал да живее во Белград каде што работел во Библиотеката на град Белград. Автор е на книгите: раскази: „Чудна средба“, „Уби го зборливото куче“, „Над троскотот облаци“, „Мирисот на земјата“, потоа куси прози „Меѓата на светот“, „Бегството и повторното раѓање на зографот“ и романите „Кула на ридот“, „Домот на Александар“, „Кон другата земја“.

Автор е на повеќе драми изведувани на театарските сцени и објавувани во посебни книги. Добитник е на наградата „Рациново признание“. Член е на Македонската академија на науките и уметностите.

Инаку, се оценува дека фактот што за годинашното издание за „Роман на годината“ конкурираа 46 романи, укажува дека во Македонија има богата романескна продукција, или како што ќе оцени жири-комисијата, се јавува една романескна скриптоманија.

Покровител на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, која изнесува 150.000 денари, и годинава е „Т-мобиле“.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска