Македонската филхармонија вечер ќе го одржи првиот концерт од циклусот „Кирилица“ во новата сезона.
Публиката ќе има можност да слушне две дела од припадници на различни генерации македонски музички творци – „Диверзија“ од Кирил Македонски со кое се прославува 90 години од раѓањето на авторот на првата македонска опера, како и премиерната изведба на „Исон“ од младата и афирмирана композиторка Валентина Велковска-Трајановска.
Под диригентство на Борјан Цанев, изведени ќе бидат и две дела од Моцарт – Симфонијата „Париска“ и Симфонијата кончертанте за дувачи во Ес-дур, на која како солисти ќе се претстават водачите во оркестарот на Македонската филхармонија, Владимир Лазаревски, обоа, Здравко Ангелов, кларинет, Џијан Емин, хорна и Ванчо Стојановски, фагот.
Сите четворица зад себе имаат завидна концертна кариера. Владимир Лазаревски студирал обоа на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што завршил додипломски и постдипломски студии. Во 2004 година добива стипендија за студии на Музичката академија „Лонџи“ во Бостон (САД), каде што го продолжува своето образование и растеж во изведбата на обоа и камерна музика. Во 2009 година се здобива со МБА-диплома од Институтот „Курт Бош“ од Сион, Швајцарија. Од февруари 2012 година.
Лазаревски има титула доктор по музика и наука од Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Добитник е на многу награди и учествувал на повеќе работилници и семинари со еминентни обоисти и музичари. Џијан Емин дипломирал на инструментот хорна на Факултетот за музичка уметност. Зад себе има огромно професионално искуство како композитор и како мултиинструменталист. Тој е прв хорнист-гостин на Белградска филхармонија и прв хорнист на оркестарот „Но бордерс“. Моментно е на студии по диригирање на ФМУ и како диригент досега има настапувано со Македонската филхармонија, Фламанскиот симфониски оркестар – Белгија, Оркестарот Ламоро – Франција и со Детроитскиот симфониски оркестар.
Здравко Ангелов ги завршува студиите во 2000 година на Факултетот за музичка уметност, а магистрира во 2012 година. Добитник е на повеќе награди на натпревари во земјите од поранешна Југославија. Како солист, камерен музичар, со симфониски оркестри, но и како постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“, Ангелов настапувал на значајни фестивали во државата и надвор од неа. Повеќепати настапувал и како солист со Македонската филхармонија.
Ванчо Стојановски (1967) дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Љубљана, во класата на проф. Божидар Тумпеј. Од 1992 година е редовно вработен во Македонската филхармонија како прв фаготист. Освен на редовните концерти со Македонската филхармонија, Стојановски настапува и во дует со фаготистот Зоран Митев, со Македонскиот Дувачки квартет, како и во други камерни ансамбли.