Прв студентски поетски фестивал на Педагошкиот факултет во Скопје

Од:

По повод Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј, Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска организираше прв поетски студентски фестивал на кој со свои книжевни творби учествуваа студенти од овој факултет и од десетина други од Скопје, Битола и Штип.

Беше промовиран и литературен алманах со 26 творби (песни и раскази на различни теми), насловен „На крилата на зборот“ – прво студентско објавување проза и поезија од сегашни студенти и од тие што веќе дипломирале на Педагошкиот факултет, кој е издавач на публикацијата.

Проф. Мите Спасевски истакна дека фестивалот е во чест на големото просветителско дело на Кирил и Методиј кое, рече, има историска димензија – македонска и сесловенска.

– Во тој дух сакавме да се вклопивме и ние со творечкиот потенцијал на нашите студенти, олицетворен низ литературниот алманах и со основоположништво на првиот студентски поетски фестивал кај нас. Мислиме, се надеваме и ќе работиме на тоа тој да биде традиционален и собиралиште на македонските студентски литературни творци, изјави Спасевски и очекува дека од учесниците на поетскиот фестивал ќе произлезат нови творци кои во иднина ќе ја претставуваат современата македонска литература.

Оваа година на фестивалот нема да се доделуваат награди, а од идната е во план тој да стане меѓународен и да се востановат награди за најдобрите творби.

Професорката по македонски јазик на факултетот Елизабета Бандиловска е задоволна од одѕивот на студентите кои од почетокот ја прифатиле идејата и, како што рече, масовно и позитивно одговориле на творечкиот предизвик.

– Имаме учество на 26 наши студенти – сегашни и веќе дипломирани, кои се претставија со свои оригинални творби. Планираме фестивалот да го продолжиме и идната година по повод 24 Мај и да промовираме нов алманах. Целта е да ги поттикнеме младите да творат затоа што од часовите, особено по јазик и литература, сфативме дека тие во себе кријат огромен творечки потенцијал кој останал на маргините. Дел од нив наменски ги напишале песните за алманахот, а дел веќе имале свои напишани творби и само чекале пригода да ги извадат на површина. Така што, драго ми е што на овој начин им излеговме во пресрет, додаде Бандиловска.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот