Промовирани 15 популарни изданија за културното наследство

Од:

Петнаесет нови изданија (десет на македонски и пет на англиски јазик) од едицијата „Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија“ промовираше денеска Управата за заштита на културното наследство во Археолошкиот музеј на Македонија.

На македонски јазик беа промовирани: Црквата Св.Богородица – Матејче; Црквата Св.Богородица Елеуса – Вељуса; Керамичките релјефни плочи од Виница; Маркови кули, Варош – Прилеп; Таор (Антички населба Тауресиум); Баргала; Манастирот Трескавец; Тумба Маџари, археолошки локалитет и неолитско село; Црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново и Муниципиј Стобенсум.

Во превод на англиски нови се пет наслови: Municipium Stobensium; The History of Discovering the Site of Isar – Marvinci; The Medieval Fortress of Isar – Shtip; Kokino – a Holy Mountain and Observatory for 4000 Years; The Great Bath of The Late Roman Thermal Spa in the Village of Bansko.

Изданијата се популарни, напишани на разбирлив јазик и наменети за пошироката публика. Ќе бидат достапни во малопродажба и во музејските продавници. Со нив бројот на наслови во оваа едиција достигна 45. „Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија“ е повеќегодишен проект на Управата, во кој се планирани 130 монографски публикации за најзначајните археолошки локалитети, профани и сакрални објекти и природни богатства.

Управата ја организираше промоцијата во рамки на одбележувањето на Европската година на културното наследство. Директорката на УЗКН Елеонора Петрова-Митевска рече дека со преводот на англиски јазик се овозможува за културното наследство на Македонија да дознае европската и светската јавност.

– Авторите на овие изданија го вложиле својот елан, енергија, долгогодишно искуство да направат една популарна едиција, која е интересна за граѓаните. Едицијата е европска културна вредност и ќе им ја доближиме во годината на европското културно наследство, рече Петрова-Митевска.

Според министерот за култура Роберт Алаѓозовски, целта е да се афирмираат бројните и бесценети културно-историски знаменитости. Истакна дека врвен приоритет на Министерството е заштитата и промовирањето на културното наследство и дека унапредувањето на неговата состојба има посебно место во културните политики.

– Во наредниот период ќе се посветиме на изработка на стратегија и нова односно модифицирана законска рамка за заштита на културното наследство. Ќе ги поттикнуваме студиските програми за конзервација и реставрација на движното и недвижното наследство, а ќе ги решаваме и проблемите околу стандардите за конзервација, идентификација, евиденција и валоризација на културните предели, рече Алаѓозовски, очекувајќи дека ќе се остварат посакуваните резултати и, како што рече, нашиот богат културен трезор ќе стане препознатлив за жителите на Европа и на светот.

Би можело да ве интересира

Премиера на детската театaрска претстава „Плашливиот Лав“

Предраг Петровиќ

Светска премиера на симфониската суита „Итар Пејо“ од Филип Иванов

Концерт на Италијаните Мариголд Бокс

Предраг Петровиќ

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд

Предраг Петровиќ

Застрашувачки трилер на Нетфликс: Сè застана на еден час

Предраг Петровиќ

Тематски стрип конкурс за ученици од Србија, Македонија и Албанија